По потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, делегациите од двете земји се упатија во Отешево, на македонската страна од Преспанското езеро, каде што ќе се одржи билатерална средба и свечен ручек.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас претходно во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Со договорот е предвидено ерга омнес име за земјава, Република Северна Македонија.
На свечената церемонија присуствуваат и високи претставници на меѓународната заедница, медијаторот на ОН во решавање на спорот, Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари Ди Карло, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, како и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.