Неколку општини во Тиквешијата собраа 3.250 потписи за отворање регионален шелтер центар за жртви на семејно насилство и денеска ги доставија до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Неготино.
Потписите беа собрани во организација на невладината организација „Женско лоби” од Демир Капија во соработка со младинскиот центар „Креактив” од Кавадарци и Граѓански центар за превентива и ресоцијализација од Неготино. Во проектот се вклучени и средношколци од неготинската гимназија.
– Чест ми е и задоволство што ваквата иницијатива се поднесува токму во нашиот центар и се надеваме на позитивен одговор на барањето на граѓаните. Многу е важно жртвите на семејно насилство да бидат згрижени и да им се помогне да се социјализираат во општеството. Нашиот регион нема ваков шелтер центар и оттаму потребата од вакво нешто. Се зголемува бројот на жртвите на семејно насилство не поради тоа што го има повеќе, ами заради охрабрувањето на самите жртви да го пријават ова насилство. Инаку, иако сакаме отварање на ваков центар, ние би сакале кога би можело тој да нема многу работа, рече Роза Јаневска, директор на Центарот.
Проект координаторот Менче Николова изрази задоволство од успешната акција за собирање на потписите и најави многу други слични проекти.
– Не застануваме тука затоа што проблемот на семејно насилство е комплексен општетсвен проблем за чие решавање треба да придонесеме сите, но се надеваме дека со реализацијата на овој проект успеавме да ги анимираме граѓаните за сериозноста и последиците од семејното насилство. Низ неколку трибини и работилници беа едуцирани преку 400 граѓани од Тиквешкиот регион и беа поделени илјада информативни флаери и едукативен материјал, истакна Николова.