Во петок се одбележува зимскиот ден на одење на работа со велосипед

Од:

Во петок (9.02.2018) по 6-ти пат се случува меѓународната акција „Winter bike to work day”, a по четврт пат оваа акција се одбележува и во Скопје. Целта на овој ден е популаризација на возењето точак во зима.

Граѓаните меѓусебно се охрабруваат и се регистрираат на сајтот: http://winterbiketoworkday.org/ каде има светско пријателско натпреварување меѓу градовите.

Од Скопје, досега, на интернационалниот сајт се обврзале 278 лица дека ќе возат точак во петок, со што Скопје е на 5-то места на ранг-листата, а во локалната акција се вклучија 9 локали со различни вело-поволности за оние кои утре ќе ги посетат со велосипед.

Секоја компанија/институција/клуб/локал/организација може да направи свој настан, свои промотивни материјали, свои понуди, свои награди за своите посетители/вработени/ученици кои ќе пристигнат на точак тој ден.

Оваа година кон иницијативата се приклучија со свои повици на социјалните мрежи и јавни институции, приватни компании и амбасади: Општина Ѓорче Петров, Општина Карпош, Паркинзи Општина Центар, СЦ Борис Трајковски, Агенција за млади и спорт, Министерство за информатичко општество, Градежен институт Македонија, Холандска амбасада, Институт IECE итн…

– Нашите благи зими се сосема соодветни за возењето точак да не престане преку целата година. Со соодветна облека, соодветна опрема за точакот и заштитна маска за деновите кога воздухот е загаден, возењето точак може да трае 365 дена во годината. Ги поттикнуваме нашите сограѓани да пробаат да возат точак во зима, макар на овој ден, и да ги искористат поволностите кои локалите ги нудат како вело-пријателска поддршка, повикуваат од „На точак“.