Во Германија приведен третообвинетиот за убиството на Саздо

Од:

Во Хамбург вчера германската полиција го уапсила Јетон Љужа, третообвинет за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски – Саздо во Автокоманда минатата година, дознава „А1он“.

Тој се наоѓа во екстрадиционен притвор а по него беше распишана меѓународна потерница. Германските власти треба да одлучат по барањето за негова екстрадиција и да ѝ им го предадат на македонските власти.

Обвинителството го гони Љужа за кривично дело убиство на свиреп начин.

Во април годинава кривичниот суд ги осуди Бесир Беља и Скендер Демири на 19 години затвор за убиство на 20-годишниот Никола Саздовски – Саздо. Третообвинетиот беше во бегство и не беше достапен за надлежните органи. Осудените треба да им исплатат и парична отштета за душевна болка на членовите на семејството на Саздовски.

Според Кривичниот суд, обвинетите кои дејствувале заедно се виновни затоа што на свиреп начин го лишиле од живот Никола Саздовски.

Според обвинителниот акт, на 29 јуни 2018 година околу 17:45 часот на бул. „Александар Македонски“ во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ тројцата му пристапиле на оштетениот и му побарале лична карта. Откако оштетениот им ја покажал личната карта, обвинетите неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите. Од силните удари оштетениот загубил рамнотежа, паднал на тротоарот, по што обвинетите без милост, истовремено и со силни удари продолжиле со клоци да го удираат по главата и градите, по што тој паднал во кома. Како резултат на повредите, на 9 јули 2018 година Саздовски починал на скопската клиника.