Во Дебарско 25 барања за субвенционирање на произведеното млеко

Од:

Вкупно 25 производители од општините Дебар и Центар Жупа поднеле барања за финансиска подршка за предадено млеко во преработувачки капацитети.

Како што информира раководителот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Арбен Муладаути, станува збор за преку 90 тони кравјо млеко предадено во периодот мај, јуни, јули, август и септември. 

– Во двете општини домаќинствата располагаат со околу илјада грла молзни крави. Во битолската млекарница „Бимилк“ млекото го предаваат 25 млекопроизводители кои имаат поголем број крави, а останатите, со помал број грла, продажбата ја вршат индивидуално и не се пријавуваат за субвенции, рече Муладаути.

За секој литар предадено млеко на име финансиска подршка производителите добиваат по 3,5 денари, сума што според Муладаути, е добредојдена и позитивно влијае на зголемувањето на интересот на домаќинствата за одгледување крупен добиток. Нивниот број, како во однос на домаќинствата, така и во однос на добитокот, последните години бележи значителен раст.