ВМРО-ДПМНЕ: Три дена пред кампањата во Царина се вработуваат нови луѓе

Од:

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта распишува огласи за вработување пред почетокот на претседателската кампања. Наум Стоилковски, портпарол на партијата посочи дека Министерството за финансии, односно Бирото за јавни набавки на 28 март, три дена пред почеток на претседателската кампања барало 22 времени вработувања во Царинската управа.

Ова, според Стоилковски, може да се разгледува како поткуп во изборни цели.

„Дваесет и двајца времено ќе бидат ангажирани во Царина, за кои што понудите ќе бидат доставени до 18ти април, три дена пред првиот круг на претседателските избори. Еве ја понудата во пари тешка над 2 милиони, 203 илјади денари но, во етичка и уште повеќе во правна смисла многу потешка“, рече Стоилковски.

Според него, ова е уште еден доказ за корупција во изборни цели, времени вработувања кои треба да бидат мамка за гласање за можност за постојани вработувања.

„Од моментот кога се распишани избори секое вакво вработување, секој оглас е криминогено однесување со една единствена цел. Дури и овие ангажирања да се согласно годишните планови, многу е интересно што е тоа толку итно во УЈП, Македонија Пат или Царина, што не можело да се одложи за барем еден месец или да се завршело пред еден месец или два месеци?  Што е тоа толку големо и неодложно што овие 66-мина во УЈП, Македонија Пат и Царина мора сега и веднаш да го направат за да бидат и времено ангажирани на работа? Токму во предизборен период“, праша Стоилковски.