ВМРО-ДПМНЕ: Тевдовски да се фокусира на подобрување на економски влошената ситуација

Од:

Наместо на празни политички флоскули и јавни настапи, Тевдовски треба да се фокусира на подобрување на енормно влошената економска ситуација во државата и остварување на своите предизборни ветувања кон гласачите, реагира ВМРО-ДПМНЕ по денешната изјава на министерот за финансии за јавниот долг.

„Расипничката Влада предводена од СДСМ за само три месеци од новата година ги задолжи граѓаните со неверојатни 300 милиони евра, јавниот долг ја надмина психолошката граница од 5 милијарди евра, а државниот долг ја помина границата од 4 милијарди евра. Економското цунами Заев-Тевдовски-Анѓушев ја турка државата кон должничко ропство. Цената што треба да ја платат македонските граѓани за новите задолжувања е огромна со оглед на поволните околности на меѓународните финансиски пазари“, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Опизицијата додава дека Тевдовски го глорифицарал задолжувањето преку издавање 30-годишна обврзница со каматна стапка од блиску 6 проценти, но јавноста треба да ги има предвид дека оваа обврзница е со девизна клаузула.

„Во споредба со цената што ја плаќа Словенија за слична ваква обврзница, видливо е дека каматната стапка што ја плаќа Владата на Заев е двојно повисока од таа што ја плаќа Словенија. Тоа значи дека меѓународните кредитори немаат доверба во финансиската стабилност на Македонија и можноста на државата да ги врати своите долгови. Оваа обврзница е речиси целосно апсорбирана од страна на приватните пензиски друштва, кои наместо да ги пласираат средствата во акции на претпријатијата и на тој начин да придонесуваат за раст на нашата економија, тие инвестираат во државни обврзници, што значи дека комплетно е промашена и целта на задолжувањето“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.