ВМРО-ДПМНЕ свикува надзорна расправа за адвокатските услуги на власта

Од:

ВМРО-ДПМНЕ до собраниската Kомисија за финансирање и буџет поднело иницијатива за надзорна расправа за склучените договори за консултантски, адвокатски и нотарски услуги на Владата, државните органи и претпријатијата со целосна, делумна или доминантна сопственост на државата.

Во иницијативата се наведени примерите за кои „А1он“ веќе истражуваше во два наврати – станува збор за огромни суми пари кои се одлеваат од буџетот на јавните претпријатија за адвокати кои се блиски до владејачките структури.

„Можноста за склучување договор во четири очи со дискреционо право на раководното лице или топ менаџментот отвора сомнеж за излевање огромни финансиски средства кон одредени адвокати, нотари и консултанти за нивни услуги. Во изминатиот период во повеќе наврати протекоа бројни информации за ангажирани адвокатски друштва на лица носители на јавни функции или во роднинска врска со носители на јавни функции. Очигледна е тенденцијата одредени адвокатски друштва да склучуваат со Владата, органите на државната управа и јавните претпријатија“, се вели во иницијативата.

Како примери се наведени случаите за кои „А1он“ веќе пишуваше – дека адвокатското друштво „Де Леге“ кое е ангажирано од ЈП Водовод и канализација, а еден од сопствениците е пратеничката од СДСМ Снежана Калеска Ванчева. Тука е и Стефан Јосифовски, адвокат кој го застапува СДСМ, а воедно е ангажиран и како адвокат на „Водовод и канализација“, Мери Младеновска Ѓорѓиевска која е советник во кабинетот на Кочо Анѓушев а се јавува како адвокат во повеќе јавни претпријатија, советникот на премиерот Зоран Заев, Миле Зечевиќ кој исто така се јавува како адвокат во државните служби.

Целта на надзорната расправа, како што стои во иницијативата до Собранието, е да се подобри транспарентноста и да се види колку пари добиваат адвокатите кои се на јавни функции или пак нивните роднини.

Мери Јордановска