Социјал демократскиот сојуз, како што кажувавме и во предизборната кампања, започна со уништување на македонската историја, македонската култура, македонското наследство, македонскиот јазик, македонското малцинство, со уништување на се што е македонско, беше истакнато на денешната прес-конференција на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
„Вчера официјално и слушнавме дека Владата предводена од Зоран Заев го усвоила договорот кој ќе го потпише со Република Бугарија. Бегло, без да го прочита јавно договорот, Зоран Заев,со својата лажна насмевка на лицето, се обиде да го убеди народот дека прави добра работа за државата. При тоа не одговори на новинарско прашање дека во договорот не е вметната ниту една од забелешките на ВМРО-ДПМНЕ, а немаше ни храброст да потврди дека договорот во целост е во корист на Бугарија, а со цел уништување на македонскиот народ. Не го ни спомена барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија за оддржување на итна седница на која ќе се расправа за овој договор. Во неколку дена уништи
долгогодишна борба за зачувување на македонските национални интереси. Со што ли е задолжен Зоран Заев и СДС за да дозволи уништување на македонската историја, македонското минато, македонската сегашност и иднината на нашите деца?“, беше истакнато на прес-конференцијата.
Според партијата, вакво предавство, вакво продавање на државните интереси е преседан за кој нема прошка.
„Не постојат два народи со иста историја! Недозволиво е заедничко чествување на 2-ри Август на Мечкин Камен, затоа што Бугарија нема никаква врска со Илинденското востание. Не можеме и не смееме да дозволиме како прилепчани без разлика на која политичка партија припаѓаме да се заборави масакрот кај Дабница во кој биле убиени од страна на бугарскиот окупатор нашите сограѓани: Сотир Дамески, Рампо Левката, Орде Кабацо , Добре Јованоски, Сотка Џигиџик, Андон Слабејкоски, Адем Адемоски, Душан Бешироски, Атанас Нунески и многумина други. Со потпишувањето на овој договор го уништувате нивното дело. На бројните прилепски херои кои животот го дале за оваа наша Македонија со вашите потези овие денови им се превртуваат коските во гробовите. Чие дело ќе го чествуваме, пред чии
споменици, со кое лице ќе се поклонуваме пред спомениците на овие борци после овој срамен чин?“, реагира општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.