ВМРО-ДПМНЕ: Никој не му верува не Филипче дека не ја знаел фирмата

Од:

„Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството. Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра“-стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат министерот Филипче да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката.

„Јавното обвинителство уште утре треба да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста. Граѓаните очекуваат одговор зошто во тендерската документација се наведува името на производителот на апаратите и реагенсите кои се набавуваат? Зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да распише ваква набавка? Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев? Дали имало закани и од кого кон останатите компании кои долго време се во овој бизнис? Кое е бизнис искуството на двете момчиња и кој стои зад нив“-прашуваат од партијата.

Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се наведува и дека идејата на Заев и Филипче ќе чини дополнителни средства за транспорт на хуманиот биолошки материјал, ќе ги покачи цените на чинење на биохемиските реагенси за 2-3 пати од 368 милиони денари претходно на 803 милиони денари сега, имунолошките реагенси за повеќе од половина од 692 милиони денари претходно на 940 милиони денари сега, а хематолошките реагенси за дури 4 пати од 50 милиони денари претходно на 208 милиони денари сега.