ВМРО-ДПМНЕ: Неработливиот Сугарески затаи со прскањето против комарци

Од:

Неспособната и неодговорна влада на СДС тоне во својата неактивност. Фактите говорат дека досега во текот на оваа летна сезона министерството кое го раководи неработливиот министер Сугарески ниту еднаш не извршило прскање против инсекти и комарци во општините кои ги посочивме, и факт е дека во минатите години кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт до овој период од тековната година веќе беа извршени две прскања против комарци и едно прскање против ларви, соодветно по сите протоколи и препораки, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на Министерството за транспорт и врски.

Според партијата, фактите говорат дека досега министерството раководено од неработливиот Сугарески ниту еднаш не ги известило посочените општини дека подготвува прскање против комарци за да можат потоа општините да ги преземат соодветните чекори за подготовка за активноста.

„Фактите говорат дека токму после нашата реакција во Министерството за транспорт почнала општа узбуна и тоа откога министерот се освестил дека постои пропуст и тоа заради неговата неактивност па сега се обидува да фати последен воз за реакција. Ние ќе следиме колку тој ќе стои на зборот, и се надеваме дека конечно ќе почне нешто да работи наместо да бара алиби за неговата неактивност“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.