ВМРО-ДПМНЕ: Народот им кажа „не“ на Заев, Филипче, Шекеринска

Од:

Зоран Заев и СДСМ добија едно големо НЕ од народот за нивните антидржавни политики, неспособност и расипништво, се вели во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ.

-Народот им кажа НЕ на Заев и Тевдовски за растот на БДП од нула проценти и економијата која е во слободен пад. Народот му кажа НЕ на Зоран Заев за урнисаното здравство кое на министерот Филипче единствено му користи кога треба да подели некој тендер. НЕ, доби и Царовска која заедно со Заев упорно го лажеше народот дека нема да има мигрантски кампови во Македонија. Големо НЕ имаше и за Оливер Спасовски кој користеше сила кон народот кој требаше да го штити, народот кој сега живее во страв поради низата убиства и крвави напади кои Спасовски се уште ги нема разрешено. Народот го покажа и своето незадоволство од капитулантскиот договор со Грција кој го потпиша Димитров, под покровителство на Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Договор со кој СДСМ и Заев се откажаа од се што е македонско, македонскиот јазик, идентитет, име, нашата историја, но и иднина. Народот го искажа својот револт и за состојбата во судството. За сите нарачани пресуди во политички монтираните случаи, за сите ослободени криминалци и за неправдата која царува во државата – стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека граѓаните покажале дека не им е до славење, поради прерано згаснатиот живот на Никола Саздовски, фактот што цените на основните продукти потребни за живот растат, а нивните плати и пензии стагнираат. Додаваат дека не им е до славење ни на вработени во сите оние фирми кои заминале во стечај изминативе година дена.