ВМРО-ДПМНЕ: Масовно се вработуваат неквалификувани кадри кои со години одработуваа за интересите на Заев

Од:

Потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска одржа прес-конференција на која што кажа дека Владата на СДСМ започнала со чистките и бруталната партизација на државата преку вработување на партиски војници.

– Граѓаните се уште ги чекаат ветените 30 000 денари просечна и 16 000 денари минимална плата, како и 500-те километри нов автопат. Засега само се реализира ветувањето на Заев за виткање кичма и ветувањето – дека ќе брка, ќе јаде живи луѓе и ќе владее со партизација на држава од чистачка до директор. 1.500 луѓе беа избркани од работа само затоа што немаат членски книшки на СДС, како што бара пратеникот од редовите на СДС Курто Дудуш, рече Арсовски.

Тој додаде дека поради носењето одлуки без размислување, во Фондот за здравство во моментов не постоел одбор кој што може да носи одлуки околу лекување на осигуреници во странство. Како што кажа Арсовски, поради Зоран Заев и СДСМ, животот на болните граѓани бил доведен во ризик.

– Започна и смената на директори на институции преку јавно декларирана фашизоидна и тоталитарна предумисла: сменети се многу успешни директори на театри само затоа што немаат членска на СДС и не размислуваат како Зоран Заев и Роберт Алаѓозовски. Од друга страна масовно се вработуваат неквалификуваните кадри на Сорос кои со години одработуваа за политичките интереси на Зоран Заев и СДС. Прочитани се и добро запаметени од сите граѓани овие профитери и одработувачи како што се: Зоран Бојаровски, Бојан Маричиќ, Дане Талески, Марјан Забрчанец, Петрит Сарачини, Никола Наумовски, Бранимир Јовановиќ, Влатко Васиљ, Дарко Лешоски и многу други сеачи на магла кои ги гледаме изминатиов период, рече Арсовски.

Според него, овие профитери се претставувале како невладин коректив на власта и ја лажеле јавноста дека ги бранат интересите на граѓните. Како што кажа Арсовски, со нивното ставање на платен список на Владата се покажало дека цело време ги бранеле само интересите на Заев и СДСМ.

– Граѓаните се во неизвесност за иднината, своја и на државата, гледајќи ги ваквите необјасниви потези на владата на Заев и СДС. Едно е повеќе од јасно: за само месец и пол, СДС започна да воспоставува режим во Македонија, заврши Арсовски.