Дали во понеделник пратениците доброволно ќе прават тестирања за наркотици зависи од претседателот на Собранието , Талат Џафери кој треба да ја разгледа и да одговори на иницијативата поднесена од независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ. Од кабинетот на Џафери велат дека претседателот на Собранието не коментира изјави на пратенички групи, а откако ќе ја разгледа иницијативата ќе се произнесе и ќе постапи согласно надлежностите што му ги обезбедуваат Уставот, Деловникот и Законот за пратениците.
Претходно од пратеничката група на која координатор е Елизабета Канческа Милевска доставија во Собранието иницијатива за доброволно тестирање од наркотици на сите пратеници
„Врз основа на кодексот за етичко однесување во Собранието на Република Северна Македонија, во кои се уредуваат основните етички начела, правила и стандарди на однесување на пратениците и кој има за цел за зачувување и афримирање на достоинството и угледот на Собранието и пратенците, а и зголемување на довербата на граѓаните и јавноста , во основните вредности и интегритетот на функцијата пратеник како индивидуа и на Собранието како претставнички орган на граѓаните и ноител на законодавната власт, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија, бара Собранието во понеделник 20.05.2019 да овозможи услови и лекарски тим кој ќе го спроведе тестирањето“, стои во иницијативата.
Идејата е прифатлива и за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, а барањето следува по реакциите во јавноста за објавената аудио снимка на руската социјална мрежа „Вконтакте“ под наслов „Павле Богоевски нарачува кокаин“ . Според Богоевски станува збор за нелегално направена снимка во такси кога тој нарачувал масло од канабис за медицинска употреба за негова блиска личност. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка, а дел од пратениците од СДСМ кои застанаа во одбрана на Богоевски сметаат дека скандалот е злоупотребен за политички цели поврзани со пратеничкиот мандат на Никола Груевски, што највеорјатно во понеделник ќе биде на седница на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања со која претседава Павле Богоевски.
Г.Н.Р