Во скопската општина Гази Баба вечерва беше промовиран кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Како актуелен градоначалник и кандидат за оваа функција на претстојните локални избори, Тони Трајковски пред граѓаните на Гази Баба ја презентираше својата визија за иднината на општината.
Тој за следниот мандат најави завршување на низа тековни и отпочнување на нови проекти.
– Како и досега и во иднина да бидеме пример како треба да се грижиме за правилното воспитување и правилниот развој на нашите деца во градинките и училиштата, да продолжиме со епитетот најспортска општина во државата, а препознатливоста дека сме општина со голем број на индустриски капацитети, е и наша поголема обврска да се грижиме за чиста и здрава животна средина, рече Трајковски.
Осврнувајќи се на сработеното во изминатиот мандат, Трајковски меѓу другото ги посочи изградбата на патната инфрастуктура од 60 километри, новата мрежа за фекална канализација, местата за паркирање за 1000 возила, пешачките патеки, како и детските и мултифункционалните игралишта.