ВМРО-ДПМНЕ бара од Државната изборна комисија (ДИК) да ја почитува волјата на граѓаните и да ги објави резултатите и во никој случај да не помислува да ја фалсификува волјата на граѓаните.
– Имавме фер и демократски избори кои Европа ги призна, а време е да се признаат резултатите, констатирајте ги резултатите и кажете ги. Констатирајте ги мандатите и не го злоупотребувајте трпението на граѓаните. ДИК да ги објави мандатите после цела ноќ и цел ден чекање, порача Влатко Ѓорчев на денешната партиска конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека според официјалните резултати на веб-страницата на ДИК несомнено е дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ имаат разлика од 17.000 гласачи, а со се дијаспората 20.000 гласови во однос на СДСМ и Коалицијата и победиле во шест од седум изборни единици.
Во многу поголеми држави со поголем многу број гласачи и многу поблиску резултати вообичаено е за неколу часови по изборите да се објават резултатите и тој што е поразен да му честита на победникот.
– После цела ноќ и речиси цел ден ниту некој ни се јавил да ни честита, ниту пак ДИК ги соопштува резултатите, рече Ѓорчев.
Нагласи дека претседателот на ДИК Александар Чичаковски денеска во 12 часот ги напуштил просториите на ДИК со образложение дека бил преморен и дека ќе оди да спие до 19 часот.
– ДИК има обврска еднаш во четири години да спроведе избори и не е вобичаено на најважната ноќ, најважниот ден претседателот да замине со образложение дека треба да спие. Бараме Чичаковски да каже дали спиел или бил некаде на консултации, потенцира Ѓорчев.
Нагласи дека е крајно време ДИК да ги објави резултатите од предвремените парламентарни избори и јавно да ги соопшти мандатите.
– Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ победи и има кристална победа и време ДИК да ги објави резултатите, рече Ѓорчев и нагласи според сајтот на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ освоиле 453.000, а СДСМ и Коалицијата 436.000 гласови.