Владата се премисли – утре е неработен ден за администрацијата во Скопје

Од:

За само два часа, Влада го смени мислењето и реши да го прогласи утрешниот ден, 7 мај, денот кога во посета доаѓа Папата Франциск за неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје.

Пред само два часа, во 13.30 часот, Владата испрати соопштение во кое се велеше дека „Владата на Република Северна Македонија соопштува дека утрешниот ден, 7 мај, кога во нашата земја ќе пристигне во еднодневна посета Папата Франциск, е работен ден за сите граѓани“.

 

Веќе во 15.30 часот Владата се премисли и испрати ново соопштение во кое се вели дека „согласно последните организациски проценки поврзани со протоколот за посетата на Неговата Светост Папата Франциск, и согласно потребите и барањата на институциите и граѓаните,  Владата на Република Северна Македонија донесе одлука утрешниот ден, 7 мај (вторник), да биде неработен ден за сите вработени во јавната и државната администрација на територијата на Град Скопје“.

Со оваа одлука се опфатени основните и средните училишта, а градинките ќе бидат организирани непречено да ја извршуваат својата функција.

„Владата им препорачува и на приватните компании, особено од централното градско подрачје да ја прифатат одлуката овој ден да биде неработен и за вработените во овој сектор, и на тој начин да го дадат својот придонес во организацијата на програмските содржини од посетата на Папата Франциск“, се вели во соопштението.

Дополнително ќе биде соопштено кој ден ќе биде определен за да се одработи утрешниот неработен ден.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски не одговори на нашите повици да каже дали е ова конечната одлука и на што се должи промената на мислењето во последен момент.

Неофицијално, ваквата одлука се знаела уште минатата недела, но не се соопштувала поради можноста од продолжен викенд и опасноста од немањето цензус на вториот круг од изборите.