Амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели, во италијанската амбасада во Скопје, на Билјана Цветановска-Гугоска, државен секретар во Министерството за локална самоуправа и го врачи признанието “Витез на Редот Ѕвезда на Италија”, што го доделува Претседателот на Републиката, за воспоставување и негување на лични и професионални релации со Република Италија, соработка во различни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави.
По тој повод амбасадорот Белели истакна дека е особено задоволен што честа да биде прогласена за Витез на Редот Ѕвезда на Италија и припадна на државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Билјана Цветановска-Гугоска.
– Со Цветановска-Гугоска, како амбасадор на Италија, успешно соработувам подолго време и благодарение на таа соработка еден важен проект меѓу Република Италија и Република Македонија наскоро ќе биде финализиран, рече амбасадорот Белели
– Зедничката работа на програмите за соработка и развој меѓу двете држави резултира и со посебна кредитна линија од Италија за Македонија наменета за малите и средни претпријатија, со што Цветановска-Гугоска придонесе не само за работата на Министерството за локална самоуправа, туку и за развојот на државата, рече амбасадорот Белели.
Признанието го доделува Претседателот на Италија на предлог на Министерот за надворешни работи.
– Овој чин за мене претставува голема чест затоа што доаѓа од Република Италија, земја која на Република Македонија и дава континуирана поддршка во процесот на интегрирање во Европската Унија, рече по добивањето на признанието Цветановска-Гугоска.
Цветановска-Гугоска му се заблагодари на амбасадорот Белели за соработката и за подршката.
– Посебно е задоволството кога работите, се залагате, а некој тоа ќе го препознае и вреднува, рече Билјана Цветаноска-Гугоска која изрази уверување дека соработката ќе продолжи и во иднина во интерес на двете земји и на нивните граѓани.