Вистиномер ја објави анализата на предизборната програма за 2009-2013 на актуалниот градоначалник и актуелен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Битола Владимир Талески. Во програмата има наведено 138 проекти од кои досега 42% се неисполнети, 37,7% се исполнети, 18,1% се делумно исполнети, а 2,2% се недоследни.
Според анализите на Вистиномер реализирањето на трансформацијата на централното градско подрачје- плоштад Гоце Делчев во пешачка зона со изградба на подземни гаражи и деловни објекти било најавено за 2010, а сеуште не е започнато. Проектот за унапредување на јавниот превоз сеуште е неисполнет, а во 2012 година заради долгот од страна на општината кој изнесува 1 милион евра штрајкуваа јавните превозници од општината. Делумно исполнет е проектот за промена на улиците кои носат комунистички, социјалистички и југословенски имиња, како и проектот за превоз за учениците од с. Дихово. Сепак иако превозот е обезбеден, во последните месеци не се обезбедени средства за превозниците, па тие во изминатиот период протестираа.
Воведувањето на нови содржини за трансформација и заживување на националниот парк Пелистер, според анализата на Вистиномер иако е еден од главните приоритети на Општина Битола, во изминатиот период не е направен ни еден поголем зафат за трансформација на истиот.
Дел од исполнетите проекти за периодот 2009-2013 се: уличното осветлување, изработениот на портал за следење на образовниот процес, како и изградбата и реконструкцијата на водоводните мрежи за руралните населби.
Темјана Поповска