(ВИДЕО) Амбасадорот на Шведска: Народот во Македонија гласаше за промени

Од:

Амбасадорот на Кралството Шведска во Македонија, Матс Стефансон во интервју за Макфакс посочува дека на предвремените парламентарни избори јасно се покажало дека народот сака промени. Тој напоменува дека скандалот со прислушувањето е еден од поголемите во Европа и дека СЈО треба да ги добие сите потребни услови за да има завршница на овој процес.

Мислам дека овие се најважните избори откако Македонија стана независна држава. Секако, тие не ги решија сите македонски проблеми за во иднина, но мислам дека ги донесоа работите еден чекор напред. Изборите беа одржани во фер атмосфера, што беше и заклучок во официјалниот извештај на Државната изборна комисија, во понеделникот.

Знаеме дека има поплаки од некои партии, кои се однесуваат на некои места во Изборните единици број 2 и број 6. Ги поднесоа до Државната изборна комисија, и кога тоа ќе се реши ќе ги видиме финалните резултати, рече Стефансон.

Можам да кажам дека изборите многу јасно покажаа дека народот на оваа држава гласаше за промени. Тоа е е многу очигледно. Очигледно е дека народот сака некакви промени. Како тоа ќе изгледа во пракса е многу тешко за мене како странски дипломат да коментирам. Но, важната работа, сега кога изборите завршија е што ќе може да се креира влада која има моќ и можност да спроведе големи реформи за промена, кои Македонија мора да ги спроведе, вели шведскиот амбасадор.

Тој не сака да коментира дали во ВМРО-ДПМНЕ по резултатите се покажува потребата за внатрешни промени во раководството.

-Не е мое да коментирам за тоа како некои партии треба да се реформираат внатрешно… Тоа е нивно. Но, мислам дека мапата на гласачи покажа јасно, што е невообичаено интересно, што народот гласаше за двете водечки македонски партии речиси еднакво, но интересен е фактот дека за прв пат, мислам, во Македонија видовме еден голем исчекор кај етничката поделеност, што е многу карактеристично за политичката слика, а тоа е дека многу етнички Албанци гласаа за неалбанска партија. Тоа е многу важно, многу важен чекор за еден ден земјата во која етничката поделеност нема да игра голема улога. Што ќе биде практичниот резултат од тоа во иднина е многу тешко да се предвиди. Но, сепак е многу значаен развој.

Стефансон не мисли дека изборите ќе стават точка за завршување на кризата, но се надева дека тоа е прв чекор во таа насока.

Тој во интервјуто посочи дека кризата што Македонија ја имаше во претходните две години заради скандалот со прислушувањето, е скандал од нечуени размери во Европа.

-Ова е огромен скандал и со него мора да се рачсисти. Затоа беше формирано Специјалното јавно обвинителство и тоа е многу важна институција. Многу сум разочаран што дел од општеството некои групи го обвинуваат СЈО дека е поткупено политички. Не мислам дека тоа е случај, воопшто. Мене ми се чини дека тие многу професионално си ја обавуваат работата.

Треба да им се дозволи да ја работат својата работа. Важно е да им се дадат потребните ресурси и времето потребно да ја исполнат задачата. Затоа што ова е многу компромисна ситуација за змејата, ако не сте способни да се справите со тоа до крај скандалот ќе продолжи да влијае на развојот на земјата во следните години. Мора да биде расчистен овој хаос што е креиран. Во спротивно, ќе се врати како проблем по три, по пет години, по десет години. Затоа треба да им дадеме поддршка на специјалната јавна обвинителка и на нејзините колеги да ја завршат работата. Да им се дадат рсурси, поддршка и време потребни за завршување на работата, вели Стефансон.