(ВИДЕО) Зеколи: Нема дијалог ако сите почнат да зборуваат истовремено

Од:

Во овие десет години многу групи на граѓани, интересни групи, партии, размислувања, движења, невладини организации, цели генерации се всушност држени во една хибридна состојба на молк и не им се даваше можност да се искажат и она од што се плашам дека одеднаш ќе дојдеме во една ситуација во која сите ќе сакаат да прозборат во еден момент и тоа може да создаде еден колапс на дијалогот во општеството, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Гледате ли сериозна опасност од безбедносна криза во Македонија?

Во овој момент би се задржал само во конотација на конфликтозна состојба. Логично продолжение по политичката криза од 24 декември, па после и по државната криза која настапи со објавувањето на бомбите. Нормално е дека ќе се продолжи со оваа конфликтозна состојба бидејќи веќе се исцртани две страни, дијаметрално спротивни едни од други и со минимум простор за компромис. Се разбира, доколку продолжи на овој начин, состојбата ќе се компликува уште повеќе. Веќе имаме назнаки дека тоа полека повлекува и некои интересни групи од соседството, полека се рефлектира и на ориентационите политики на земјата и ако се додаде и предупредувањето кое дојде од САД пред неколку месеци за местоположбата на Македонија во однос на Западот и Истокот, тогаш фактички се создава една ситуација во која можноста за безбедносна компликација никако не може да се отфрли така лежерно, но повторно мислам дека тоа ќе зависи од настаните кои ќе се одвиваат во следните два месеци.

Велите групи од соседството. На какво инволвирање мислите кога споменувате ваков тип инволвирање?

Досега, и вашите читатели веднаш ќе помислат дека тоа се однесува на некои идеолошки или религиски групации, но доколку малку подлабоко влеземе, тогаш ќе сфатиме дека всушност станува збор за таа испреплетеност на организираниот криминал насекаде во регионот, кој, и покрај сите промени што се случија, тие останаа недопрени од никакви промени. По таа логика на дефиницијата, каде што е организираниот криминал и корупцијата, тогаш се разбира дека следуваат и другите пополитички форми на насилство или декадентност во општеството. Затоа, и самата местоположба на Македонија, кога ќе погледнете кои се проблемите во нашето опкружување, тогаш разбирате дека најголемата грешка е нашата состојба да ја гледаме изолирано, како некој остров во кој нема никакво влијание од надвор. Всушност оваа тензија, оваа загроза помеѓу смени на некои политики и генерации, некои промени на ова геостратешко подрачје упатуваат на тоа дека доколку тоа се игнорира, тоа може да биде навистина фатално за нас.