(ВИДЕО) Заев: Заедно ќе успееме во битката за Македонија

Од:

Го гледате хаосот и конфликтноста во општеството коешто го создава ВМРО-ДПМНЕ во последните неколку месеци. Ова што овие денови им се случува, како инает и непопустливост, е само рефлексија на нивните лоши политики, сиве овие осум и пол години, рече Заев на трибината во Охрид.

Лесно е да излезе пред студентите и да каже: Попуштивме! Но не може да попушти, забегана е работата да крај! Уништено е образованието системски наназад со години. Затоа не може да попушти.

Нашите ставови се: Екстерното тестирање ќе го укинеме! И во факултетите нема да постои, а ќе го укинеме и во средните и во основните училишта. Нема да постои екстерно тестирање!

Еве во најава се и хонорарците. Ова е една нова мерка за полнење на буџетот, за заокружување на нивната алчност за пари. Зошто? Заради тоа што се повеќе им требаат пари. И со оваа мерка не оти ќе ги решат проблемите, туку уште една неуставна одредба се случува во нашата земја. За хонорарците ќе се плаќа дополнително здравствено и пензиско осигурување. Не добива за тоа никој поголема пензија кога ќе стане пензионер или плус здравство од тоа што го има. Тоа е неуставно и нашиот став е: доколку не се откажат од оваа мерка, кога ќе дојдеме на власт, ќе ја укинеме, нема да постои. Тоа е ставот на опозицијата по ова прашање.

Задолжницата исто така е едно ново зло, коешто ќе стапи на сила од први јануари 2015 година. Што значи тоа? Сите приватни фирми коишто ќе испорачаат фактура поголема од 300 000 денари, мораат истиот ден кај нотар да потпишат изјава и во рок од 60 дена да ја платат таа фактура. И целата оваа задолжница важи за сите, само не за државата. Прво не е уставна исто така. Сите знаеме дека државата е најголемиот должник.

Општествените институции генерално, се најголемите должници и од тука потекнуваат долговите коишто едни меѓу други фирмите си ги имаат. На крај целата оваа работа ќе се рефлектира таму кај што е најтенко. А каде е најтенко? Кај работниците, кај платите, кај придонесите. Затоа задолжницата ќе воведе дополнителен хаос во државата. Или треба да се повлече како предлог решение, или треба да важи за сите, и за државата и за приватните фирми. Тоа е нашиот став. Вакво решение какво што е предложено, ние ќе го укинеме, штом ќе ја смениме оваа власт.

Што е нашата понуда?

Штом ќе создадеме нормална земја, парите да ги вратиме назад кон граѓаните, да ја вратиме средната класа, да воведеме праведно оданочување,каде што ќе има фер шанса за рамноправно оданочување за секој. Народ со пари крепи држава. Да се врати среќата, да може да бидете со кренати чела!
Не ветуваме дека ќе бидеме Швајцарија на Балканот! Но подобро и посреќно од ова денеска, секако може да го имаме во нашата татковина!

Лево ориентирана партија сме, социјалдемократи сме, и сакаме да покажеме на сите дека во Македонија може чесно и достоинствено да се живее со добра перспектива и за сегашните и за идните генерации. Бидете рамо до рамо со нас и заедно ќе успееме во оваа битка којашто ја водиме!