(ВИДЕО) Заев од Кочани: Граѓаните на Македонија секогаш носеле државнички одлуки

Од:

Премиерот Зоран Заев попладнево учествуваше на трибина во Кочани на коалицијата „Излези за европска Македонија“.

– Заслужуваме да бидеме граѓани на модерна, современа, демократска Македонија. Ни минува животот. Должни сме да им обезбедиме на децата добра иднина, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој објасни дека компромисното решение што е постигнато со јужниот сосед вреди затоа што „македонскиот јазик и идентитет се признаени“, никој повеќе не ги спори во светот.

– По 27 години добивме покана да бидеме 30-та членка на НАТО, тоа значи стабилност, безбедност и сигурност, мир обезбедивме за децата. Во процесот на евроинтеграции, 260.000 евра ЕУ донира секој ден, 1.280.000 евра е вкупниот буџет за Македонија од грантовите, што треба да го јакнат нашиот стандард, рече претседателот на СДСМ и премиер, Заев.

Тој посочи и дека тоа ќе значи повисоки плати, пензии, нови работни места и дека Македонија нема алтернативата освен ЕУ и НАТО. Ги повика граѓаните со, како што рече, кренато чело да гласаат За на претстојниот референдум, бидејки граѓаните на Македонија секогаш и носеле државнички одлуки.

– Оваа шанса мора да ја зграпчиме. Имаме храбар народ, ќе покажеме дека сме за европска Македонија, оцени претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев на трибината со граѓаните во Кочани.

Градоначалникот на Кочани ги повика неговите сограѓани, масовно да излезат на 30-ти септември и да гласаат За, за европско Кочани преку интеграции на Македонија во ЕУ и НАТО.