Оставките на тројцата владини функционери не се доволни и се задоцнети, буквално и фигуративно, рече еден од активистите кои денеска одржаа говор пред Собранието на протестот преку кој секој ден се бара повлекување на Владата и враќање на мандатите.
Граѓанските активисти на демонстрантите им честитаа за вчерашната победа со тоа што Јанкуловска, Мијалков и Јанакиевски си поднесоа оставка.
– За Мартин, за Тамара, за жртвите во Куманово, за Скопје кое ни го силуваа, за образованието, за здравството, за човечињата, за болката, стравот, понижувањата кога ги посеаја за десетте години од животоите што ни ги уништија – порача член на иницијативата „Стоп на полициската бруталност“.
Фигураривно, рече тој, оставките се поднесени предоцна затоа што граѓаните конечно ја почувствувале слободата која до сега недостасувала.
– Вчера се почувствува една слобода која ја немаме почувствувано многу одамна. Видов искрени насмевки и вистинска среќа, барем за момент. Како да научивме и како да се навикнавме да живееме во терор, секојдневен страв и под стрес за нешто да не ни се случи. Оставките во буквална смисла дојдоа предоцна затоа што оставката на нелегитимната министерка дојде по доцни цели четири години, а може и повеќе. Колку ќе беше различно и колку животи ќе се поштедеа, колку судбини ќе беа поубави ако дадеше оставка од времето кога ние тоа го баравме. Она вчера не е доволно – рече тој на што граѓаните скандираа „Нема да им помине!“ и „Оставка!“
Активистите велат дека ќе продолжат со протестите секој ден во шест саат, се додека целата Влада не поднесе оставка, се додека не сноси политичка, но и правна одговорност „за сите криминали, корупција и противуставно делување.“ Граѓаните бараат ослободување на политичките затвореници и на притворените студентите, како и демократизација на институциите преку друга влада.
– Откако ќе се исполнат сите овие наши барања, без компромис, нашата граѓанска одговорност продолжува за да изградиме држава во која ќе живееме слободни и среќни, без да заборавиме на катастрофата што сега ја живееме. И сложно никогаш да не дозволиме да ни се повтори. Наша одговоност ќе биде да изгласаме влада која ќе се плаши од нас а не ние од неа. Будно ќе го следиме секој нејзин чекор и ќе делуваме корективно. Поради сево ова и поради верашни оставки, никој повеќе не може да ви каже дека џабе протестирате. Доколку некој ви го каже тоа, одговорете „џабе вие седите дома и дремете по кафиња, кога некој друг управува со вашите иднини и со судбината на вашите најмили, не чекајте други да ги решавааат вашите проблеми и да ги водат вашите битки, почнете од себе си и бидете промената која сакате да ја видите“. Ние ќе победиме, затоа што ние сме во право, секој ден сме се повеќе и повеќе. Ние граѓаните кои се бориме за подобро утро на сите почнавме со победите и нема да завршиме се додека неправдите продолжуваат.