(ВИДЕО) Власта е најодговорна за лошиот извештај за Македонија

Од:

Дали вчера воопшто добивме препорака од Европската комисија? Всушност ЕУ ќе испорача препорака кога ќе види дека се применува договорот од Пжино, извештајот на Прибе и реформските приоритети. Извештајот на Европската комисија за Македонија е за нејзиното назадување, а не напредок и покажува дека Европа ја загубила довербата кој потоа тешко се стекнува, беше речено на денешната дебата „Има ли излез од безизлезот“, организирана од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

– Ова е најкритичкиот извештај на ЕК во последните седум години откако Македонија ја има добиено препораката за преговори. Препораката дефинитивно суспендирана и условена, бидејќи се изразува само подготвеност на Европската комисија да ја даде препораката, но на тоа прашање кон средината на идната година, по изборите, со нов извештај, рече Бојан Маричиќ од МЦЕО.

Според него, досега кај владата имаше обиди за спинување како позитивни извештаи, но овојпат извештајот е јасен и конкретно укажува кои владини претставници имаат најголема одговорност за ситуацијата во која се наоѓа државата.

– Бидејќи немаше простор за спинување, владата рече дека народот ќе одлучи, веројатно и така ќе биде граѓаните ќе одлучат во април 2016 година, но овој извештај треба и да помогне граѓаните да знаат што точно се случувало и дека сето тоа што беше укажувано од граѓанските организации и објавено од страна на опозицијата, сега е признаено од Европската комисија, додаде Маричиќ.

Како една од клучните теми беше издовена ситуацијат во судството за која говореше професорката Гордана Бужаровска, која истакна дека е сосема јасно дека ЕК порачува да се престане со носење на нови закони, туку тие да се применуваат.

– Имаме толку независен Судски совет и Совет на обвинители, што ништо не зависи од нив, рече Бужаровска.

На дебатата беше презентирана и компративната анализа на извештаите на Европската комисија од 2012 до 2015 година наречена „Назадување – неветено, остварено“.

Во анализата се издвоени четири заклучоци. Првиот заклучок е дека препораката за преговори е суспендирана и условена. Вториот заклучок е дека содржините на „бомбите“ се во фокусот на извештајот и имаат клучно влијание врз оцената. Според третиот заклучок, фискалната, економската и буџетска политика на Владата се спротивни на стратегијата за проширување на ЕУ, а последниот заклучок, според анализата, е дека граѓанското општество е важен фактор во решавањето на политичката криза.

А.Б.