(ВИДЕО) Трајановски: Се грижиме за загадувањето, раководителот на екологија ви објасни како

Од:

Градоначалникот Коце Трајановски убедува дека градот доволно се грижи за проблемот со загадувањето и покрај забелешките за измени на нацрт-буџетот на Град Скопје за 2016 година, каде се предвидени милионски суми за доизградба и одржување на спомениците и фонтаните, како и проодни улички околу седиштето на владејачката партија, а минимални 600.000 денари за загадувањето.

Тој во денешната изјава за почеток на работна акција со општината Ѓорче Петров одговори на секој дел од поставеното новинарско прашање, освен на делот за загадувањето и нагласените канцерогени ПМ10 честички кои во овој дел од годината во големо количество се шират во воздухот.

– Она што се однесува околу седишето на ВМРО-ДПМНЕ не е околу седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Убаво се кажа на самата седница дека практично тоа се пристапни патишта околу катната гаража. Нека не се вулгализира дека тоа се работи за партијата, се работи за доуредување на другиот дел од плоштадот и пристапните патеки кои што треба да бидат до новата катна гаража, истакна Трајановски.

Во врска со буџетот на Градот одвоен за мерки за загадувањето, градоначалникот единствено објасни дека раководителот на екологија половина час на седница ги презентирал плановите, но не кажа дали и какви мерки ќе преземе Градот.

– Она што се однесува до загадувањето и до екологија, раководителот на екологија половина час ги искажуваше проектите кои што се реализирани и кои што се во планот за реализација за следната година од аспект на намалувањето на загадувањето во градот Скопје. Воопшто не се сложувам со други формулации кои што помпезно се најавуваат без никакви аргументации, рече Трајановски.

За истото прашање, опозициските советници во Град Скопје, пред неколку дена побараа под итно да се зголеми ставката во буџетот за заштита на животната средина, односно да испланираат пари за конкретни мерки кои би се презеле за заштита на воздухот.
Од граѓанската акција „Заслужуваме подобро“ апелираат дека проблемот не е нерешлив и дека најголемиот дел од загадувачите се неколку фабрики, производители на енергија и градежништвото.

– На фабриките може да им се стават филтри. Властите можат да престанат да ги сечат дрвјата, а градењето мора да се прави со ум и со обем што не ги убива луѓето, апелираат од акцијата.
Тие додаваат дека подолго време се истакнува дека најчеста причина за смрт во Македонија се срцевите заболувања, но дека никој не кажува дека срцевите заболувања можат да се намалат со намалување на загадувањето на воздухот.

– Заслужуваме да дишеме чист воздух и да пиеме чиста вода. Заслужуваме власт која знае да ги искористи нашите географски предности и од она што најмногу го имаме – сонцето, да произведе чиста енергија. Заслужуваме власт која ќе ни обезбеди чиста и здрава вода за пиење, додаваат од граѓанската акција.

Александар Тодески