ВИДЕО: Тоталитаризмот и Македонија

Од:

„Тоталитаризмот“ како диктатура на личноста, потенцираше на денешната дебата Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја на РМ. На дебатата насловена како „Тоталитаризмот и Македонија“, тој заедно со Шпетим Положани, претседател на Здружението на поранешни политички затвореници дебатираа околу оваа тема.

Јавната дебата која се совпаѓа и со Европскиот ден за сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими (23 август) се обиде да ја поттикне интелектуалната, академската и експертската јавност активно да се вклучи во развојот на јавниот дијалог на оваа тема.

Чепреганов го отвори прашањето кој стои зад креациите на тоталитарните режими, дали тие самите по себе станале тоа што се или некој стоел зад нив.

Професорот Положани истакна дека поранешните политички затвореници не се слободни и рамноправни со со другите граѓани.

„Тоа го покажува и фактот дека ден денешен пресудите од комунистичкиот систем сеуште се валидни“, рече тој, додавајќи дека тие како здружение неколку пати поднеле писмени барања до Парламентот на РМ за да овие пресуди се поништат, а со тоа и да започне процесот на обештетување на политичките затвореници.

Чепреганов надоврзувајќи се на Положани запраша дали оние водечки личности во тие системи на тоталитаризам ќе опстоеле доколку не биле поддржани од некои други, запрашувајќи:
„Дали Хитлер ќе беше тоа што беше ако не го подддржуваа некои други“.

Последиците од комунистичкиот систем сеуште се чувствуваат затоа што менталитетот на народот не се менува, посочи Положани.

„Можеби се променил системот, Уставот, кривичниот закон, но менталитетот верувајте ми не е променет“, додаде тој, велејќи дека сме сведоци на апсења на обични граѓани со специјалните сили на полицијата.

„Тоа не е апсење, тоа е сеење терор“, заклучи тој.

Дебатата организирана од Диверзити Медиа и поддржана од фондацијата ИДЕА Југоисточна Европа, во рамките на проектот „Дебати_мк“ има за цел да го подобри квалитетот на локалните власти, развојот на меѓуетничкиот дијалог во сите сфери на општеството, корпоративната социјална одговорност на приватниот сектор како и подобрување на меѓуетничките односи и зајакнување на општествениот активизам во Македонија.

Темјана Поповска