(ВИДЕО) Талат Џафери: И уставно и законски нема никаква пречка да ја обавувам оваа функција

Од:

Речиси 40 отсто од честитките по моето стапување на функцијата доаѓаат од граѓани кои не и припаѓаат на албанската заедница, вели новиот министер за одбрана Талат Џафери во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

– Човек којшто скоро сиот свој работен век, интелектуално и физички, професионално го посветил на работите од областа на одбраната и безбедноста, покрај сето тоа што го поминал во животот, сметав и сметам дека е предизвик да му се даде можноста да се справи и со овој предизвик – да биде првиот човек во одбраната, за да може да го заокружи сиот придонес со оваа должност. Во секој случај како пратеник во три мандати директно сум бил вклучен со случувањата во законодавството околу уредувањето на правната рамка на статусот на Министерството за одбрана и сите придружни организации вклучувајќи ги АРМ, Воена академија, порано воена болница, сега Воено-медицинскиот центар и другите организациони единици кои се во склоп на Министерството за одбрана. И во тој контекст, сметам дека би било и е предизвик за мене, имајќи предвид дека определено време, од 2004-2006 година, го поминав како заменик министер овде во Министерството за одбрана, вели Џафери.

Околу реакциите во јавноста во врска со неговото назначување за Министер за одбрана, Џафери со став дека тоа за него биле очекувани реакции.

– Во јавноста се гледаат реакциите коишто се претставуваат во негативна конотација, но лично имам примено доста реакции во позитивна конотација. За волја на вистината, сите оние пораки коишто сум ги добил од назначувањето ги чувам. Ги чувам од една проста причина што скоро 40 отсто од пораките или од честитките се честитки кои доаѓаат од граѓани кои не и припаѓаат на заедницата на која што и припаѓам јас, односно не и припаѓаат на албанската заедница. Тие што сметаат дека е неспоива функцијата министер за одбрана со претходното мое искуство како командант во ОНА, покажува дека тие луѓе, односно тие поединци коишто ја пропагираат оваа констатација, сметам дека се заостанати во времето за најмалку една декада. Непобитен факт е дека во случувањата во 2001 година, јас бев еден од командантите во единиците на ОНА, но непобитен факт е дека настаните од 2001 година се окончани со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, по кој договор Собранието ги изгласа измените на Уставот на Република Македонија, по кој договор Собранието на Република Македонија во првите месеци, односно во првото тримесечие од 2002 година донесе два битни закони. Едниот беше Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и другиот закон беше Законот за амнестија на припадниците на ОНА. Тие два закони беа во склоп на Охридскиот рамковен договор и како такви овозможија да се пристапи кон примена и извршување на основните определби на Охридскиот рамковен договор за реинтеграција на сите оние припадници на ОНА коишто можеа да се интегрираат во институциите на државата. За овие 10 години, грото луѓе коишто претходно, како и јас, беа во редовите на Армијата, а се приклучија кон ОНА, како резултат на таа определба на Охридскиот рамковен договор повеќето се вратија и делуваат во рамките на АРМ и држат функции и должности спрема формацијата којашто впрочем е потпишана од врховниот командант, односно од претседателот на државата. Во тој контекст, непобитна е мојата номинација и именувањето за министер. Затоа, оние што пропагираат противење на моето номинирање, сметам дека се заостанати во тоа време, вели Џафери.

Околу евентуалната оставка која беше побарана од него од страна на „Достоинство“, Џафери вели дека тој се однесува професионално во секоја задача што ја добивам.

– Оваа задача, како и задачата пратеник е задача што ми е дадена од граѓаните. Велам ми е дадена од граѓаните затоа што како пратеник избран на слободни избори во третиот мандат на предвремените парламентарни избори во 2011 година, од граѓаните на изборната единица 6 добив доверба да ги претставувам во Собранието. Собранието изгласа моја номинација од страна на владата за извршување на должноста министер. Во демократски системи, во демократски држави, непобитна е можноста да се отповика номинацијата, односно изборот, затоа што индиректно значи ова е волја на граѓаните. Во однос на размислувањата за оставка, и професионално, и карактерно и како човек никогаш не сум се повинувал пред никоја пречка која што ме следела во животот. Сметам дека сум подготвен и емоционално и професионално и човечки да го поднесам сиот товар, без оглед на можните притисоци коишто се вршат од надвор. Впрочем, и уставно и законски немам никаква пречка да ја обавувам оваа функција, вели Џафери.