Се здобил со скршеници бидејќи мирно протестирал со државно знаме пред Собранието бранејќи ги името и државата, тврди Алесандар Вучковски, кој пред две недели бил повреден од полицијата која го прегазила додека ја растерувала толпата што фрлала со тврди предмети кон нив. До Вучковски стоеле и возразни жени и девојки, кои исто така биле удирани со палки, тврди тој. Се снаоѓале како што знаеле за да се извлечат од местото каде што се наоѓале бидејќи чувствувале болки на телото.
„Тргнаа кон нас. Нè прегазија. Тогаш почнаа ударите. Прво ме удрија по дланката со која го држев знамето, потоа се лизнав и паднав па почувствував пет-шест удари по рамена, плешка, ‘рбет, грб и нозе. Успеав да станам на нозе и се тргнав. Се повлеков, во тој момент почувствував многу големи болки. Не можев повеќе да дигнам рака, ниту да го земам телефонот“, сведочи Вучковски за протестот пред две недели.
Тој тргнал кон Градската болница и бидејќи имало метеж, решил да повика пријател за да го однесе во друга клиника. Кога стигнал до својот автомобил, на паркингот 15 полицајци почнале да ги бркаат него и неговиот пријател, а потоа ги уапсиле.
„Почнаа да викаат ‘Фатете ги, држете ги, да не бегаат’, а ние се упатувавме кон возилото, не бегавме. Кога ве бркаат, инстиктивно се повлекувате на страна, но не бегавме. Застанаа околу нас и нè турнаа на земја. Јас почнав да врескам ‘Оставете нè, си одиме дома. Што правите?’ Почнаа да ми ставаат лисици, не давав отпор. Дури му помогнав бидејќи имаше проблем со лисиците, односно не се затвораа. Додека зборував, а главата ми беше на асфалт, а рацете позади грб, не знам од која причина, веројатно за да биде сигурен, ми прсна солзавец во лице. Ме печеше, ми навлезе во уши, нос, уста. Комплетно непотребно“, раскажува Вучковски за „Макфакс“.
Вучковски заедно со своите пријатели бил однесен во притвор. Таму останал 24 часа, иако имал скршеници на телото. Му била понудена лекарска помош која најпрво ја одбил бидејќи мислел дека брзо ќе ги ослободат и сам ќе отиде во болница, за потоа да прифати.
„Полицајците во станицата беа коректни. Ми понудија да повикаме некого. Не повикав никого бидејќи мислев дека ќе излеземе за час-два. Со полициска придружба ме вратија во Градска болница. Ми направија рендгенски снимки, дежурниот лекар ми даде извештај од специјалист дека имам две дијагнози“
Во наодот на Вучковски пишува дека е повреден при удар со пендрак, има скршеници на десната дланка и левиот прст, а истовремено скршеници на десната скапула.
„Дојдоа инспектори, дадов изјава пред нив. Беа коректни. Рекоа дека процедурата продолжува кај јавниот обвинител, па тој ќе одлучи дали ќе се поднесе обвинение и дали ќе нè пуштат пред законски дозволениот рок за да нè држат во притвор, а тоа е 24 часа“, вели Вучковски, кој додава дека биле задржани околу 30 лица.
И покрај сите случувања, Вучковски не чувствува страв, но тврди дека дел од присутните се исплашени па затоа повеќе не излегуваат на протести.
„Гледате оклопна војска како оди кон вас, во три реда. Пред нив има цивили кои со себе имаат само знаме и мобилен. Гледате како газат пред себе замавнувајќи со пендраци“, тврди Вучковски.
Како демонстрант, Вучковски бил и на протестите од шарената револуција. Вели дека не прави поделби и не оправдува насилство, а даде и свое мислење за протестот кога полицијата влезе во библиотеката „Браќа Миладиновци“ за да апси демонстранти објаснуваќи дека и тоа е полициска бруталност.
Кристијан Ландов
