(ВИДЕО) Средба меѓу Бесими и Коѕиас во Атина

Од:

Соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели, изјави вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими по денешната средба во Атина со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.

– Имавме отворена и искрена дискусија меѓу пријатели. Ова е прв состанок и можеби е изненадување што разговаравме како пријатели, но соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели. Мислам дека искрената дискусија што имавме за визијата на Западен Балкан е иднината за стабилност, мир, просперитет, вредностите на демократијата, владеење на правото, слободата на говорот, движењето. Сите вредности кои се заеднички за нашите општества, истакна Бесими.

Тој додаде дека на состанокот со Коѕиас не зборувале само за визии, туку и за начините како овие визии да се претворат во стварност. Во однос на прашањата кои се се уште отворени меѓу двете земји, Бесими истакна дека со Коѕиас се согласиле оти има можности отворените прашања да бидат решени.

Македонскиот вицепремиер информира дека е разговарано и за предлозите за мерките за градење доверба и решавање на прашањето за името.

– Овие идеи се добредојдени. Како и иницијативата да ја посети мојата земја. Како можеме да замислиме да ги решиме отворените прашања без да разговараме, без иницијативи, рече Бесими и нагласи дека Коѕиас е добредојден во Скопје, изразувајќи надеж дека ќе наиде на истото топло гостопримство.

На денешната средба во Атина е повторено и дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е нешто што се очекува да донесе одржлив мир и стабилност во регионот.

– Солунската агенда и заклучоците на министрите и денешната изјава на министерот за надворешни работи даваат јасна порака дека има надеж за евроатлантскиот пат за мојата земја и за регионот, нагласи Бесими.

На новинарско прашање дали верува дека денешната посета ќе биде од помош за Македонија после Куманово, политичката нестабилност со која во моментов се соочува земјата и по медијацијата на комесарот Хан, Бесими рече:

– Дефинитивно. Мојата посета на Грција е до помош и без овие настани кои се случија во мојата земја. Морам да кажам дека во однос на политичката ситуација доаѓам како поголем оптимист, отколку тоа да беше минатата недела. Во понеделникот бешепостигнат договор меѓу политичките лидери за концептот како да се движиме напред во оваа ситуација, кој ќе и помогне не само на политичката стабилност, туку ќе придонесе и за побрзо имплементирање на агендата за реформи во мојата земја. И се разбира, тоа ќе има и позитивен одраз на нашиот евроатлантски процес.

Грчкиот министер за надворешни работи на средбата ја изразил поддршката за разговорите меѓу политичките партии и еврокомесарот Хан.

– Дискутиравме за нашите соништа и надежи за Балканот и особено за Западен Балкан. За начините со кои може да се обидеме уште повеќе да го стабилизираме нашиот дел од светот, ги коментиравме разговорите што се водат за прашањето за името, а дискутиравме и за мерките за градење доверба, информира Коѕиас.

Тој рече дека во наредните денови политичкиот директор во грчкото МНР ќе допатува во Скопје со цел да се разговара за сето ова. На крајот од месецов и Коѕиас ќе го посети Скопје, при што, како што рече, „сигурно ќе ги продолжиме денешните дискусии“.

– Топлата дискусија што ја имавме беше отворена, искрена и ни даде надеж за добра основа за иднината меѓу нашите две соседни земји, рече Коѕиас и му посака добредојде на Бесими при што истакна дека било задоволство да се разговара со него.

На новинарско прашање дали може да даде конкретен пример од листата мерки за градење доверба, Коѕиас рече дека списокот со мерки ќе биде објавен во Скопје, каде политичките директори од двете министерства веќе разговарале. Тој нагласи дека мерките треба прво да се договорат, а потоа да се објават.

– Како што вообичаено велам, кога луѓето преговараат, не е добро да се зборува за тие работи. Но она што можам да го кажам е дека после три состаноци во Будимпешта, Рига и Анталија со мојот колега, министерот за надворешни работи на соседната земја, секој од нас состави листа на предлози и видовме дека на еден или друг начин, голем дел од мерките се совпаѓаат, рече Коѕиас и додаде дека се потребни понатамошни појаснувања од двете страни со цел да се утврди што точно мисли другата страна за работите кои изгледаат идентични.

Шефот на грчката дипломатија информира и дека за повеќе мерки побарал асистенција од еврокомесарот Хан за да можат да се обликуваат програми кои би можеле да бидат финансирани од ЕУ во рамките на потенцијален, и, како што рече, „се надевам вистински договор за мерките за градење доверба“.