Професорката и писателка Румена Бужаровска влезе во фокусот на пошироката јавност откако на традиционалниот фестивал на усно раскажување „Причигин“ во Сплит раскажа измислена приказна на тема „Како моите родители дознаа дека сум геј“. Дел од македонските медиуми нејзиниот расказ го претставија како лична исповед па пренесоа дека македонска писателка и универзитетска професорка јавно призна дека е лезбејка.
Што таа вели за овој феномен, како и за состојбата на медиумите, како и на демократскиот процес во Македонија воопшто, прочитајте во интервјуто за Радио Слободна Европа.
– Во целата ситуација со мојата приказна што се раскажа „Причигин“, фокусот отиде на сосема погрешни места. Прво тотално е небитно дали јас сум лезбијка или не, почнаа трачарски муабети да се вртат околу тоа прашање којашто беше и целта на извесен начин, односно поентата на моето раскажување дека ние всушност нели наместо да се занимаваме со сериозните криминали коишто се случуваат, наместо да се фокусираме на нив, ние се фокусираме на некои такви банални работа – вели Бужаровска, која предава на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Таа вели и дека медиумите во Македонија мора да бидат слободни, но и образованието мора да се ослободи од импровизации и партиски кадри.
– Медиумите мора да бидат слободни за да се развие критичката мисла што не е случај кај нас. Другата работа е што образованието мора да биде ослободено, значи ние веќе одамна патиме од едно многу ограничено образование во коешто исто така се шири преку неквалитетни учебници и преку партизираност во образованието, значи вработување на наставници, учители итн., од партии, тоа е една од најстрашните работи што се случуваат во образованието, тука немате никаква професионалност, кога некој влегува во најкревкото нешто, во најкревката сфера во општеството, таму каде што има деца, навлегуваат луѓе без никакво знаење, такви луѓе исто така пишуваат и многу сомнителни учебници. Тоа може да се надмине преку добро образование, преку влегување на вистински професионалци во образованието, преку слободни медиуми, а мислам дека треба и одредена реконтекстуализација на личните односи, затоа што ние сме многу мала земја, некако сите сме пријателски и роднински, професионално испреплетени и треба да се научиме дека ставот не значи дека треба да се искараш со некого од твоето семејство или од твоите пријатели, туку едноставно да полемизираш – вели Бужаровска за Радио Слободна Европа.