Пратениците во Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето по се изгледа не можат да се разберат меѓусебе ако не разговараат на висок тон. На овие седници постојано е тензично и напнато, но на крајот од денешната пратениците од власта и опозицијата не можеа да се воздржат без да си упатат лични навреди едни на други.
Меѓу нив настана расправија откако претседателот на Комисијата, Петре Шилегов, одлучи да го задржи првично утврдениот план за работа и да се продолжи со сослушување на сведоци според предвиденото. Наместо сослушувањето на сведоци да се замени со посета на УБК, како што побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов пресече дека до 15-ти ќе им се даде можност на првите луѓе од владејачката партија да се појават на седниците. На 16-ти декември Комисијата ќе одлучува за посетата на институциите надлежни за следење на комуникации.
На ова пратеничката Силвана Бонева го обвини Шилегов дека го крши Деловникот и ја манипулира јавноста, а нејзиниот партиски колега, Крсте Муковски, рече дека „вакво однесување немало ни во среден век“. Шилегов, пак, возврати дека во случајот со Бонева има конфликт на интереси затоа што и таа се јавува во прислушуваните разговори со индции за евентуални сериозни законски прекршувања.
-Жал ми е што не можете да избегате од себе – рече тој.
Маја Васева