Сметам дека градбите од Скопје 2014 се неквалитетни и мислам дека тоа многу брзо ќе се види. За десет години сите ќе се чудиме како ќе изгледаат тие објекти, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Дали е добра вест за градот, тоа што иницијативата „Го сакаме ГТЦ“, најави протест на 28 декември за зачувување на стариот лик?
Да, мислам дека е добра вест и тоа е една од шансите и приликите да се проба повторно нешто да се направи. Асоцијацијата на архитекти го поддржува проектот на иницијативата „Го сакам ГТЦ“, што се најавува како новогодишна средба на 28 декември, пред влезот на Градски трговски центар. Во таа иницијатива, едни од главните во одборот се и архитекти коишто се и членови на Асоцијацијата на архитекти. Асоцијацијата се обидувала досега на сите легални начини и со сите легални средства да се обиде да го спаси сквернавењето на Градски трговски центар, сме се обратиле до Комората на овластени архитекти и инженери, чии што овластувања сите ги поседуваме за да можеме да работиме и најголем процент од членовите се архитекти. Значи сме се обратиле до Комората со барање да се одземат овластувањата на проектантите на ГТЦ во сè, според статутот на Комората, но одговор од нив никогаш не сме добиле. Уште во јуни поднесовме иницијатива за референдум до Општина Центар, на која што сè уште немаме одговор. Асоцијацијата се обиде, но за жал, нема соговорник. Најжално од сè е што не се почитува стручноста, затоа што со стручњаци и со професионалци мора да се разговара и да се полемизира, но никако не смеат да се игнорираат, а кај нас професионализмот и стручноста се исклучува од сите сфери на општеството.
Дали однапред се сомневате во неуспех или овој пат како Асоцијација ревносно и вистински ќе ги браните вашите ставови, со оглед дека за претходни проекти немаше некаков ефект?
Скоро сум сигурна дека стручноста повторно ќе се маргинализира и повторно нема да се почитува. Ќе ми биде драго да не сум во право за она што го говорам. Тоа се случува со години и самите кажавте дека тоа се случува со сите проекти. Гледаме што се случува со сите професии, гледаме што им се случува на лекарите, каде што е уште поопасно отколку во нашата професија, затоа што се работи за човечки животи и здравје. Ова што нам ни се случува е неповторлива и непоправлива грешка. Ние ги браниме своите ставови во нерамноправна битка, затоа што прво нема кој да нè сослуша, инструментот на делување не е во нашите раце. Битката е искрена, стручна, со најдобра намера и со голема надеж, но исходот е многу неизвесен. Можеби ќе се случи да треба да го браниме ГТЦ во моментот кога ќе дојдат машините да почнат да градат, да го окупираме објектот за да можеби тоа даде некаков резултат.