ВИДЕО: Претседателката на ЛиДеМ поднесува Претставка до комисијата за заштита од дискриминација за изјавата на Груевски

Од:

Претседателката на Либерално-демократската младина Моника Зајкова изјави дека е шокирана и разочарана од вчерашната дискриминирачка и сексистичка изјава на претходниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Со ваквата изјава, Груевски изврши директна дискриминација заснована на пол, но воедно и навреда на студентките во Македонија. По само неколку дена од кампањата која ја водеше Форумот на жени на ЛДП и парламентарното мнозинство, беше ратификувана Конвенцијата на Советот на Европа за борба против родово базирано насилство и семејно насилство – таканаречена Истанбулска конвенција, со која жените отвораат ново поглавје за прашања кои се однесуваат на унапредување на нивниот статус и напуштање на мизогинистичките политики, Груевски повторно не се воздржа од изјава со која жените односно студентките ги поимаше само како сексуален објект. Никола Груевски нема да одговара само пред Кривичниот суд за делата за кои го гони Специјалното јавно обвинителство, туку ќе одговара и пред друг надлежен орган за дискриминацијата и навредата која преку својот уништувачки, политички говор вчера ја упати кон студентките илустрирајќи ги низ споредбен пример цитирам: „Како кога студент во студентски дом влегува во собата на неговата колешка која е целосно соблечена и му вели ‘Се надевам дека ќе ја препознаете новата можност’“, рече Зајкова.

Таа додаде дека Груевски со дискриминирачката изјава ја потценил вредноста на сите жени и девојки во Македонија и дека поради истата треба да одговара пред сите.

– Довчерашниот претседател на ДПМНЕ треба конечно да сфати дека повеќе нема да биде заштитуван и дека согласно Уставот на Македонија и законите за ваква дискриминирачка изјава се сноси општествена, политичка, но и правна одговорност. Поради наведеното, како претседателка на ЛИДЕМ, од свое име, но и од име на останатите членки на ЛИДЕМ, поднесуваме Претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, од која како политички подмладок бараме да ја осуди ваквата изјава и да покрене иницијатива за поведување на постапка пред надлежните органи поради сторена повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација, рече Зајкова.

Според неа крајно време е институциите да му кажат доста на Никола Груевски и ги охрабри сите студентки, млади девојки и жени да се приклучат кон Претставката со својот потпис.

– Затоа што ова веќе не е политика, ова е претставка – иницијатива за почитување на загарантираното право на заштита од дискриминација, за правда, за заштита на достоинството на секоја од нас, за нашиот развој, за нашата иднина, рече Зајкова.