Семафорите кои трепкаат со жолто светло најчесто се исклучени затоа што во моментот поминува делегација, објаснува градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, но ниту од Градот ниту од Министерството за внатрешни работи не одговорија која делегација поминувала низ булеварот „Илинден“ вечерта кога на пешачки премин загина 13-годишниот Давид. Трајановски, објаснува дека и трепкањето на семафорот е сепак сигнализација која треба да се почитува. И покрај тоа што Давид е втората жртва во една година на пешачки премин во Скопје каде семафорот бил нисправен, градоначалникот вели дека тоа не може да се смета за причина.
-Трепкањето на семафорите најчесто доаѓа кога имаме некоја делегација најчесто од странство. Од страна на МВР се дава налог да се исклучат. Исклучени се пред да дојде таа делегација и после поминувањето. Ако несреќата настанала во тој период, тоа е период кој е регулиран со закон. Не би сакал да сметате дека ако работеа и ако светлото беше зелено, дека друго ќе се случеше. Самото трепкање значи дека тука треба да се внимава при поминувањето – изјави тој.
На прашање од новинар која делегација поминувала, Трајановски рече дека медиумите дополнително ќе добијат одговор.
-Можеме да видиме зошто бил исклучен, но тоа е под Центарот за управување и контрола на сообраќајот, кој е под надлежност на ЈП „Улици и патишта“. Во конкретниот случај можеме да кажеме која делегација била и зошто бил семафорот исклучен, но пак ќе потенцирам, гледам дека се прави случај од оваа несреќа и дека главен виновник е градоначалникот на Град Скопје. Нашата надлежност е да поставиме хоризонтална и вертикална сигнализација и овој семафор е комплетно покриен. Трпкањето на светлото е сигнализација. За делегацијата ќе бидете дополнително информирани – одговори тој.
Портпаролот на МВР, Иво Котевски, не препрати назад во Град Скопје кога го прашавме за делегацијата што таа вечер наводно поминувала низ булеварот. Новинарите не добија одговор иако, како што рече Трајановски, МВР ги дава ваквите налози.
Градоначалникот и министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, денеска имаа координативна средба за безбедност во сообраќајот поради зголемениот број на жртви по улиците во Скопје. За главниот град министерот рече дека годинава има зголемување на бројот на сообраќајни несреќи во периодот јануари – август, во споредба со минатата година ова време, и тоа за 1,5 отсто. При тоа, додаде, од вкупниот број случени сообраќајни несреќи 27 случаи се со загинати лица.
-Токму тоа е алармот поради кој се видовме со градоначалникот. Од вкупно евидентираните сообраќајни несреќи, во 144 случаи учесниците минале со тешки телесни повреди. Од анализите е констатирано дека најчеста причина за сообраќајни несреќи со потешки последици на подрачјето на Град Скопје е човечкиот фактор, односно брзо возење, непочитување на правила за првенство на минување и управување со возила под дејство на алкохол. Од направените анализи како најчувствителна точка може да го издвоиме булеваот „Партизански одреди“ каде во наредниот период ќе се презема зајаканети мерки и контроли, превентивни и репресивни – изјави министерот.
Тој најави дека новиот Закон за безбедност во сообраќајот, кој е во собраниска процедура, предвидува намалување на брзината на движење на јавен пат во населено место од 60 км на 50 км на час. Доколку брзината е поголема, предвидена е глоба во вредност од 400 евра, или 65 негативни поени. Без разлика дали возачот ќе избере да ја плати глобата или да добие негативни поени, за него започнува постапка пред надлежен орган за забрана за управување со возилото од 6 до 12 месеци.
Прашањето за ноќните трки, како голема опасност за пешаците низ Скопје, било предмет на координативната средба и една од точките која добила најмногу внимание. Сепак градоначалникот не кажа конкретни мерки што би се презеле за да му се стави крај на овој нелегален спорт.
-Тоа е прашање кое се провлекува во месни заедници и општинините и ние сме во соработка со МВР. Од таму прават зајакнати контроли. Една од точките на кои се задржавме денеска е токму оваа точка, како да се оневозможат ноќните трки. Во иднина ќе има превентивни мерки и санкционирање – рече Трајановски.
Со заклучоците за безбедност на сообраќајот, кои градското собрание ги усвои на последната седница на предлог на опозицијата, предвидено е до 15-октормври да биде завршено мапирањето на црните точки во градот и во краток рок да се постави соодветна сигнализација. До 15-ти ноември, пак, ќе бидат утврдени зони за смирен сообраќај.
Маја Васева