(ВИДЕО) Османи и Маричиќ: Градење европско општество е генерациска задача на сите, вклучувајќи ја и опозицијата

Од:

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија д-р Бујар Османи, и посебниот советник за евро-атлантски интеграции во Канцеларијата на претседателот на Владата, и заменик на главниот политички преговарач, како главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ, денеска одржаа прес конференција на која информираа за Преговарачка структура, што претставува модел по кој ќе се организира државата за процесот на преговори со Европската Унија, како и модел преку кој ќе се имплементираат заклучоците од овие преговори.

Информацијата за оваа структура, која беше разгледана на 82 седница на Владата на РМ, одржана вчера, предвидува неколку клучни тела преку кои ќе се одвива процесот на преговори:
Координативното тело за процесот на пристапување кон ЕУ, кое претставува координативно тело на Владата, а кое меѓу другото, ќе ги утврдува и преговарачките позиции на Република Македонија во преговорите, кое го предводи Претседателот на Владата, потоа е државната делегација на Република Македонија за пристапни преговори со ЕУ, чија улога ќе биде да ги води преговорите со Европската Унија и да обезбеди непречено одвивање на процесот на преговори по сите поглавја, која ја предводи д-р Бујар Османи, како главен политички преговарач и шеф на државната делегација за преговори, а чиј Заменик на државната делегација е Министерот за надворешни работи, и како трето клучно тело во процесот на преговори Преговарачката група, која ќе биде задолжена за експертското и техничкото ниво на преговорите со ЕК за сите поглавја од преговорите, и кое ќе го предводи главниот технички преговарач м-р Бојан Маричиќ.

„Основна функција на процесот на преговори кој ни претстои претставува нашата подготовка за членство во Европската Унија, а самиот процес на преговори претставува една од најважните административно – политички операции низ кои поминале сите земји – членки на Унијата. Трансформација која треба да резултира со создавање на европско општество.
Низ оваа трансформација, ќе ги оствариме основните цели за кои имам неспорен консензус. Тие цели се: создавање на функционална, мултиетничка демократија; општество кое почива на вредностите како солидарност, еднаквост и владеење на право; општество кое ќе обезбеди подобри услуги за своите граѓани – подобро и подостапно здравство, поквалитетно образование, брза и ефикасна администрација итн.; општество кое ќе обезбеди услови за побрз економски развој, услови за привлекување на повеќе странски инвестиции, подобри услови и за инвестиции од страна на домашните инвеститори, подобри услови за работа на претприемачите и сè она што на крајот ќе резултира и со повеќе работни места, поголеми плати, и воопшто, поквалитетен животен стандард“, истакна во своето обраќање на прес конференцијата Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, и главен политички преговарач и шеф на Делегацијата за преговори со Европската Унија д-р Бујар Османи.

Тој нагласи дека претстои најважниот процес во нашата понова историја; процес за кој не смееме да пропуштиме да изградиме наднационален консензус.

„Ова е процес кој е толку важен што не може да ѝ се остави само на Владата да го спроведува, туку во него треба да се вклучат и претставниците на сите институции, на сите општествени фактори, експертската јавност, претставници од академската сфера, од граѓанскиот сектор итн. Пред сè сакам да повикам на вклучување и на опозицијата, која и досега се има вградено во овој процес, а која е секако добредојдена и која очекуваме да биде дел од овој процес и понатаму“, потенцираше д-р Бујар Османи, и нагласи дека во целиот процес ќе се води и грижа и за правичната застапеност и инклузивност.

Заменикот на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ, во своето обраќање пред медиумите подетално информираше за структурата на преговарачката група, за очекуваниот состав на 35-те работни групи и за нивното функционирање.

М-р Маричиќ нагласи дека претстои долготраен и исцрпен процес кој ќе бара многу институционална работа, но и многу сериозни политички одлуки.

„Сепак, секоја жртва ќе вреди бидејќи ова е процесот на европеизација кој нема само да ја внесе Република Македонија во ЕУ туку и ќе ја донесе ЕУ во Македонија. Државните и јавните институции ќе бидат локомотивата на овој процес. Но, освен Владата во овој процес ќе мора да се вградат и Собранието, судството, опозицијата, граѓанското општество, бизнис заедницата и сите други засегнати страни. Место ќе има за секого, но и одговорност и работа“, рече во своето обраќање Заменикот на главниот политички преговарач, главен технички преговарач и шеф на техничкиот преговарачки тим м-р Бојан Маричиќ, и додаде дека ова што започнува сега е генерациска задача на сите кои го сонуваат и кои работат за идеалот на Европска Македонија.