(ВИДЕО) Орцев: За ВМРО-ДПМНЕ поважни беа спомениците од патната инфраструктура

Од:

Инфраструктурата во една земја е огледало за нивото на нејзиниот развој. За ВМРО ДПМНЕ поважни беа спомениците, музеите, лавовите, скапите огради и жалните врби отколку автопатното поврзување на градовите, рече Памче Орцев.

Освен делницата од Куманово до Табановце во должина од 7,6 километри, за 8 години не е изграден ниту еден километар нов автопат. За да ја оправда својата пасивност на тој план, Груевски даде смешна изјава дека не гради автопатишта затоа што според негови сознанија само 5% од граѓаните користеле автопат.

Но, одеднаш како да заборави на таа своја изјава, па предизборно одлучи дека тоа е сепак потребно. Дополнително ја задолжи Македонија, а делницата од Демир Капија до Смоквица извади на површина уште една од многуте големи афери во работењето на владата, рече на денешната прес конференција, Панче Орцев, кандидат за пратеник на СДСМ во четвртата изборна единица.

Тој, денеска ги презентираше делот на инфраструктурата од изборната програма на СДСМ.

-Нашата програма опфаќа, проширување на патот Струмица – граничен премин Ново Село со Бугарија, изградба на експресен пат Струмица-Штип ветен од ВМРО ДПМНЕ, а неостварен, изградба на автопат Велес-Битола, проширување на патот Гостивар-Кичево со уште една коловозна лентар, реконструкција и изградба на трета лента на патот Штип-Кочани-Делчево.

Проектот „Македонија без кал” подразбира изградба на 1.500 километри локални патишта со 625 населени места во рок од 4 години со што ќе се овозможи патно поврзување и нормален живот на сите населени места во државата и посебно нашата општина. Со проектот „Македонија мегалополис” патно ќе се поврзат населените места во Македонија со што ќе се овозможи до најголемите градски центри во државата да се патува не повеќе од 90 минути. Со таква инфраструктура, Македонија ќе стане респектабилна дестинација за инвеститорите, а граѓаните без сомнение ќе имаат можности за поквалитетен живот, рече Орцев.