ВИДЕО: Одложена седницата за избор на обвинители – Штерјев и Јовески се сретнале претходно

Од:

Утрово, како што дознаваат „А1он“ и „Макфакс“, Коле Штерјев, претседателот на Советот на јавни обвинители, пред почетокот на седницата бил во републичкото обвинителство, каде што се сретнал со државниот јавен обвинител на тема избор на обвинители.

Јовески не одговараше на мобилниот телефон, а пред новинарите рече дека не стигнале на седницата да разговараат за конкретни имиња. Штерјев пак побрза на новинарите да им соопшти дека причина за одлагањето е прибирање дополнителни податоци. Неофицијално, на средбата во Обвинителството, станало збор за одредени предлози за обвинители, кои Штерјев сакал да ги истурка, а на што се спротивставил Јовески.

Меѓу „проблематичните“ имиња со желба да стане виш јавен обвинител во Скопје е обвинителката Лејла Кадриу, која Катица Јанева, поради неразјаснети околности ја избрка од тимот. Кадриу во политичките кругови важи за блиска до ексвицепремиерот Муса Џафери.

Советот на јавни обвинители попладнево ја одложи денешната седница на која требаше да бидат избрани 17 шефови на обвинителства низ државата, меѓу кои на скопското и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Треба да се подготват уште некои податоци кои се значајни за донесување на одлуката“, рече Штерјев, но не прецизираше за што конкретно станува збор, односно кои се документите што дополнително треба да се обезбедат, особено ако се има предвид фактот дека огласот за избор на обвинители е објавен во февруари.

На новинарско прашање колку кандидати се пријавиле за Обвинителството за организиран криминал и корупција, рече дека од 5 до 7, но не бил сигурен, зашто „не сакал да пипа во темно“. Советот на јавни обвинители заседава во полн состав, откако празните места беа надополнети со имињата на Ангел Солев, Ангеле Илиевски и Ацо Колевски.

Ова тело го тресеа скандали поради спорниот избор на обвинители во јануари, кога Штерјев гласаше за внуката да стане обвинител во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а од гласање не се иззема ниту Фиданка Рајевска, која гласаше да не биде избрана обвинителката која го гони нејзиниот сопруг за перење пари.

Седницата е закажана за следната среда во 11 часот со истиот дневен ред.

Васко Маглешов