Долгонајавуваното самораспуштање на сите тела на Институтот на сметководители и овластени сметководители со цел да се справат со непотизмот утврден во речиси сите органи, не се случи ни на денешната седница иако било ставено како точка на дневниот ред. Сметководителите обвинуваат дека нивните колеги кои се против самораспуштање, кренале тензија и ги исклучиле од седницата сите оние кои се согласиле да си поднесат оставки.
Пред да стигнат до точката за оставки, претседавачот ја прекинал седницата и најавил пауза, а по паузата седницата ја продолжиле само дел од членовите на собранието. На останатите, меѓу кои и членови на Управниот одбор кои го подготвиле дневниот ред и материјалот за седницата, не им било дозволено да влезат. Седницата продолжила зад заклучени врати.
„Требаше Собранието да донесе одлука Управниот одбор да објави оглас за именување нови членови на Управен одбор, Надзорен одбор и членови на Собрание. Меѓутоа Собранието, откако верификациона комисија го констатира бројот на членовите, почна да се одвива во други насоки. Беше најавен прекин од 30 минути, за после тоа и на членовите на Управен одбор и на останатите наши колеги од цела Македонија како јавност, не им беше дозволено присуство на тоа Собрание. Собранието сега се одвива во некоја сала, заклучени се и ќе се настојува, и тоа беше најавено на почетокот на состанокот, членовите на подружниците да не си дадат оставка. Тоа значи, таквите нетранспарентно избрани членови на подружници да останат и да го водат Собранието на Институтот. И така избраните членови на подружниците да изберат Надзорен одбор, а таквиот нетранспарентно избран Надзорен одбор да избере нов Управен одбор. Некој упорно сака нетранспарентно избраното Собрание во 2016 година да остане и натака“, вели Јован Златевски, член на Управениот одбор на Институтот.
Тој заедно со уште триесетина сметководители, иако поканет на седницата, остана надвор бидејќи по паузата не му бил дозволен влез во салата, а обезбедувањето се заканило дека ќе викне полција ако инсистират влезат.
Самораспуштање на Собранието и на сите тела на Институтот и избор на нови членови и лица на раководни позиции сметководителите договараат од минатата година. До ова решение дошле откако Министерството за финансии по извршен надзор во органите кои управуваат со Институтот утврди непотизам и нетранспарентна постапка при изборот на членовите. Состаноците со главна тема самораспуштање биле интензивирани од почетокот на годинава.
„На претходните состаноци што ги имавме од почетокот на годината досега, подружниците имаа состаноци низ цела Македонија, едногласна беше одлуката сите самоиницијативно да се разрешат. Правната служба требаше да каже точно како тоа да биде. Тука настана проблемот, уште на почетокот на седницата. Претседавачот, најстариот член на Собранието, почна да реагира дека не е возможно, закон немало за разрешување на членовите на Собрание и тука настана револт, а потоа беше прогласена паузата“, вели сметководителката Билјана Премуш од скопската подружница на која не и беше доволено да се врати во салата по паузата.
Оставки на денешната седница не се случија. Откако обезбедувањето ја отклучи вратата во хотелот „Континентал“ зад која се одвиваше седницата, сметководителите кои беа внатре соопштија дека изгласале нов дневен ред на кој немало точка за самораспуштање на Собранието.
„Дневниот ред што ни беше понуден од страна на претседателот на Управниот одбор на ИСОС беше без никакви материјали, без никакви припреми, без никакви претходни согледувања од страна на Надзорниот одбор за да можеме ние да одлучуваме. Го отфрливме тој дневен ред и прифативме нов дневен ред со две точки. Втората нормално секогаш е разно, а првата е третпат поднесување иницијатива за разрешување на претседателот на управниот одбор, меѓутоа сега и на Управниот одбор на Институтот. Ние сакаме се што е во овој Институт да си поднесе одговорност, да се тргне и нормално после да си дојдат нови лица на овие одлучувачки функции, а после дали има правен начин, и кој е правниот начин да се сменат и овие 50 членови на Собрание. Или пак ако сакате пак изберете ги или не ги избирајте, меѓутоа ти да донесеш цел Институт од 8.000 членови, со огромни финансиски средства на ниво небаре е ова сега некое здружение на љубители на птици па ќе се распуштаме, ќе се самораспуштаме. Правниот начин кој го знае го знае, кој не го знае ќе треба да го научи“, рече Златко Митрески во име на сметководителите кои расправаа зад заклучени врати.
Членовите на Управниот одбор кои биле разрешувани на денешната седница, тврдат дека материјалите за самораспуштање на Собранието на сите им биле уредно доставени, а ги донеле и на денешната седница. Обвинувањата за претседателката на Управниот одбор велат дека се беспредметни бидејќи таа сама, утрово поднела неотповиклива оставка од функцијата кај Министерот за финансии, па немало потреба од нејзино разрешување. Тие тврдат дека за да може Институтот професионално да функционира неопходно е сите членови во Собранието да си дадат оставки и на нивно место да се изберат нови, па дури потоа да се избираат нови органи. Сегашните челнови, како што велат, посебно оние кои денес останале на седницата, сите биле роднински поврзани.
„Ние имавме состаноци по подружниците каде што, во подружницата во Скопје, на четири состаноци дојдоа само четири претставници од Собрание, значи останатите 11 не ги видовме. Ќе ве замолам да проверите колку од нив се роднински исповрзани и во какви функции се. Во битолскиот регион беа присутни сите претставници, во Прилеп беа присутни сите претставници, во Велес беа сите претставници, во Штип беа присутни сите претставници, во Куманово беа присутни сите претставници, во Тетово немаше претставници од Собранието таму се членови мајка и син, братот близнак е член на Надзорен одбор, претседателот на Надзорниот одбор си има своја вработена во Собранието, синот на еден претставник од Собранието каде што се пет члена е член на Надзорен одбор, бившиот претседател и тој си има двајца во Собранието. Ова е вторпат како не разрешуваат. Првиот пат беше нелегитимно разрешување, ако малку се распрашате ќе дојдете до сознание дека таму се потпишуваа луѓе кај ќе стасаа, по патишта за нашето Собрание и министерот оцени дека така не се разрешува, но ако ги прашате нив ќе ви речат дека не треба за нас мислење од министерот, требало само за претседателката. Не е проблем, ние во секој случај одлучивме да и дадеме шанса на професијата, не да си дадеме лична шанса, своја, ние секако поднесувавме оставка“, рече сметководителот Тихомир Мурџоски, член на Управен одбор.
Сметководителите на кои денес не им беше дозволен влез на седницата велат дека ќе ги сметаат за нелегитимни одлуките донесени зад заклучени врати. Голем дел од поканетите сметководители пак, воопшто и не го чекале исходот од седницата. Си заминале по паузата откако увделе дека бробата против непотизмот во нивните редови е невозможна.
Маја Илиевска-Пачемска