(ВИДЕО) „Мој термин“ и за во затвор

Од:

Дури 95 отсто кривични случаи во Македонија ги добива Обвинителството, ако полицијата ви поднесе кривична пријава, речиси е сигурно дека ќе бидете осудени, само 2 до 3 проценти од осомничените добиваат адвокат, затворите се толку полни што и за издржување затворска казна ќе треба да се воведе „Мој термин“ како во здравствените установи. Ова беше кажано на промоцијата на истражувањето објавено во публикацијата „Ефективна одбрана во кривичните постапки во Република Македонија“.

Автор на истражувањето е проф. д-р Гордан Калајџиев со соработниците доц. д-р Бобан Мисоски, доц. д-р Дивна Илиќ и м-р Андреј Божиновски. Книгата, во издание на Фондација Отворено општество – Македонија, е дел од едицијата „Примената на законите под лупа“.

Истражувањето ги детектира нормативните, системските и практичните проблеми во остварувањето на правото на ефикасна одбрана и правично судење, согласно востановените меѓународни стандарди и добрите практики на развиените европски демократии.

Според ова истражување резултатите во пракса се поразителни.

– Реформираните закони на хартија беа на ниво на европските закони, а во пракса имавме катастрофални резултати, на пример: само 2 или 3 проценти од осомничените во полиција добиваат адвокат. Тука е и податокот дека на база на сиромаштија, во Македонија за 3 години не е остварен ниту еден случај по основа на сиромаштија, односно кога осомничениот не можел самиот да плати за адвокат, а имате ситуација на една третина од населението ни е сиромашно, според податоците на Државниот завод за статистика. Ова покажува голем расчекор помеѓу практиката и нормите. Системски има сериозни проблеми. Најнапред од податоците може да се види дека вистински главен фактор во казнено правниот систем не се ниту судиите, ниту адвокатите, ниту обвинителството, туку е полицијата. Таа се уште има монопол и сериозно влијание врз обвинителството, а и врз исходот. Ако во Македонија ве пријави полиција, Обвинителството речиси автоматски ќе ве обвини, а 95 проценти од тие ќе завршат со осудителни пресуди. Така што резултатите се поразителни. Улогата на судот и другите системи не функционира, а се покажува дека има слабости не само во кривичните постапки, туку и во системот во целина, бидејќи судството и другите органи кои би требало да бидат контролори на извршните органи, особено оние со посени овластувања, дека се дисфункционални и дека не ја даваат гаранцијата што ја пропишува Уставот и меѓународните стандарди што сме ги прифатиле, вели професорот Калајџиев.

Според промоторот Стерјо Зиков, новите законски решенија имаат многу нелогичности и во пракса тоа ќе се покаже, па така затворите толку се полнат што и за издржување затворска казна ќе треба да се воведе „Мој термин“ како во здравствените установи.

– Ако е прашањето колку е ефективна одбраната во кривичните постапки по новиот закон, мојот одговор би бил – лошо и тешко, најмногу за одбраната. Според новиот закон за кривична постапка одбраната може да води истрага во корист на бранетиот и да се грижи за прибирање докази во полза на обвинетиот, но тука принципот на еднаквоста на оружјата воопшто не е задржан. Обвинителот ја има целата држава позади себе, а одбраната има еден обвинет и еден адвокат со крајно ограничени ресурси. Мислам дека многу брзо нашите казнено поправни установи ќе бидат преполни и слично како во здравството, за година или две, ќе треба да се воведува „мој термин“ и за издежување на казните затвори, рече Зиков.

И покрај тоа што истражувањето потврдува дека домашното право во голема мера е усогласено со меѓународните стандарди за правично судење и за правата на обвинетиот, сепак детектира потреба за унапредување на практикувањето на стандардите.

Истражувањето во голема мера се заснова на податоците прибрани од правните практичари преку прашалници. Обработените податоци биле дискутирани во фокус групи, а биле спроведени и дополнителни интервјуа за прашањата што се наметнале како проблематични.

А.Б.