По средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е потребно да се изнајде консензус и да се дојде до крајот на решвање на спорот помеѓу Македонија и Грција.
– Со еврокомесарот Хан говоревме за реформите и реформските процеси кои што би требале да се случат во Република Македонија но за жал нивното случување заостанува. Сето тоа некако претставува една добро слово на хартија на имплементацијата. Не можеме да ја почуствуваме и не се случува. Злоупотребата на моќта од страна на Владата предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, лошите економски потези, лошите реформи во економијата, уназадувањето на економијата. Исто така гледаме дека ништо не се случува од аспект на реформите во судството и судскиот систем. Со еден збор кажано асолутно го понудивме сиот наш човечки и административен потенцијал како ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да допринесеме и да дадеме вредност на она што се вели што е можна побрза интеграција на Република Македонија во рамките на Европската Унија, рече Мицкоски.
Тој кажа дека со Хан разговарале и за информативната средба во врска со преговорите за името.
– На самиот состанок како што рековме, за нас беше од информативен карактер, конечно дознавме за што станува збор. Го видовме предлогот кој што господинот Нимиц го има доставено до преговарачите, кој што повеќе или помалку и е познат на јавноста. Но исто така потенциравме дека остануваме на патеката за што е можно побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Истовремено потенциравме дека ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси. Со жалење може исто така да констатираме од она што можеме да го прочитаме деновиве по медиумите, дека за решавање на овој долгогодишен спор помеѓу нашата земја Република Македонија и соседна Република Грција. Се уште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека е потребно да се изнајде консензус и да се дојде до крајот на решавање на овој долгогодишен спор кој Македонија го има со соседна Грција.
