Унијата на здруженијата на медицински сестри денеска побараа Закон за сестринство и комора на здравствени работници.
– Медицинските сестри беа разединети, а со сплотувањето во Унијата ќе ги побараме нашите права. Првично Законот за медицински сестри и ќе не обедини во комора на медицински сестри, како што има во сите држави, изјави Анита Димовска, координатор на медицинските сестри од Здравствен дом Скопје.
Таа додаде дека тримесечните курсеви за медицински сестри со кои се филтрира кадар се несоодветни и дека тие се борат против таквото образование, кое го намалува стандардот на квалитетот на работата.
-Дипломите ги добиваат преку средно медицинските школи. Медицината не е професија која може да се заврши со курс и бара образование и практична настава, истакна Димовска и додаде дека многу голем број медицински сестри заминуваат во странство.
Медицинските сестри нагласија дека со здружувањето целта им е да се сплотат и да го вратат достоинството на професијата.
– Секаде ширум светот сестрите се сплотени во комори, а единствено ние останавме на некое ниво на здружување кое ни овозможува едукативни програми. Во овој момент немаме дефиниција на профилот. Овој правен субјект, што треба да го добиеме со овластување од министерот, ќе не однесе во една правна институција која ќе ги штити нашите права, истакна коориднаторката на Унијата, Горданка Бешлиовска.