(ВИДЕО) Маричиќ: Прислушувањето на граѓански активисти укажува на диктаторски однос на власта

Од:

Прислушувањето на граѓански активисти укажува на диктаторски однос на власта кон граѓанското општество, изјави денеска Бојан Маричиќ од Македонски центар за европско образование, кој доби папка со CD од разговорите кои ги водел преку телефонот кој бил следен од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Како што рече тој, се работи за материјал кој покрива повеќе години и поголем број на луѓе што работат во МЦЕО.

-Тоа се луѓе кои си ја работиле работата во граѓаските сектори, критикувале и анализирале, но не правеле ништо против државата. Затоа е срамно да се прислушуваат и следат такви луѓе, бидејќи ако граѓанските организации се опасност за оваа држава, што останува за политичките партии? Крајно непријатно е чувството, но не сум изненаден. Ова е нешто што сите го насетувавме и чувствавме на своја кожа, а сега само се потврди. Тоа укажува на еден диктаторски однос на власта кон граѓанското општество, бидејќи само во диктатурите граѓанските организации се сметаат за непријатели кои треба да бидат следени и прислушувани за да им се знаат плановите – изјави Маричиќ.

Тој вели дека во координација со останатите прислушувани невладини организации ќе поведат судска постапка која евентуално би завршила во Стразбур.

-Сакаме ова да има правна разврска, секако ќе се организираме за да ги гониме сторителите – рече тој.