ВИДЕО: Се бара отчет за луксузирањата и расипништвото со државни пари на директорите

Од:

Спиењето во скапи хотели, луксузирањето во ресторани, службени патувања со високи дневници, земањето пари од две и повеќе места, вработувањето без оглас, односно расипничкото трошење државни пари што го правеле директорите, градоначалниците, министрите, судиите и сите избрани и именувани лица ќе излезе на виделина.

Сите институции корисници на буџетски средства добиле обврска детаљно да ги објаснат трошењата што ги направиле во периодот од 2015 година заклучно со мај 2019 година. Барањето е за отчет на сите трошоци, тргнувајќи од трошоците за плати и надоместоци, комунални трошоци, хранарина, дневници, патни расходи, сместувања, споредни расходи, договорни услуги без распишување огласи, трошења од службени картички, трошења за службени возила, за репрезентација, па сè до листа на корисници на апанажи во периодот од 2015-2019 година. Барањето до сите институции го испратила Државната комисија за спречување на корупцијата на сопствена иницијатива, а по многуте прозивки од јавноста за расипничкото трошење.

„Целиот резил на функционерите ќе излезе на површина. Барањето од антикорупциската е многу детално и сериозно. За секој внесен податок, мора да се обезбеди и доказ. Тоа значи дека ќе се види како директорите склучувале договори на дело за 12.500 денари, дури и со вработени во истите институции, како трошеле за репрезентација, како вработувале без оглас, кому сè му дозволувале 24 часа да има службено возило, како исплаќале дневници, кој и зошто користел надомест за одвоен живот, кој користел државен стан… Ова барање е многу повеќе од ревизија, таму пријавуваме приходи, расходи и резерви, а овде се бара отчет за секој потрошен денар“, вели вработен во јавна институција за „А1 он“.

Од антикорупциската за „А1 он“ потврдија дека барањата до институциите се веќе испратени. Нивната проверка треба да доведе до сериозни кратења и ограничувања на користењето поволности од државата.

Барањето од антикорупциската комисија повеќето од институциите го добиле пред десет дена, а имаат рок од 15 дена да ги достават сите податоци. Антикорупциската бара отчет за сите трошења и од специјалното јавно обвинителство, од сите судови, од сите државни агенции, инспекторати, комисии, дирекции, управи, бироа, барање за отчет е испратено во Кабинетот на претседателот на државата, како и до сите општини. Институциите имаат обврска да наведат кои лица биле на раководни позиции посебно за секоја година од почетокот на 2015 до мај 2019 година и да образложат како се трошеле државните пари.

Во периодот од 2015 до мај 2019 година речиси и да нема министерство, агенција, суд, општина или друга државна институција за која не се појавил скандал за трошењето државни пари. Последни примери беа градоначалничката на општина Арачиново, Миликије Халими која со службената картичка си купувала суџук, мирисливи свеќи и дрвени лажици, и ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, која го возела службениот автомобил и примала плата и по нејзиното разрешување.

Јавноста како скандалозна ја оцени и набавката на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Тој со државни пари купи „Ауди А6“ од 67.000 евра, наменето за потребите на градоначалникот, една „Шкода Октавија“ од 19 .000 евра и уште две возила „Шкода Рапид“ од по 14.000 евра наменети за потребите на општинските служби.

Вработувања без огласи или со неисполнети услови на огласите, посебно изминативе неколку месеци, имаше речиси во сите институции кои сега треба да дадат отчет.