Жителите на катлановското село Кожле, на пеколните летни горештини останаа без вода откако пред 15 дена од страна на ЕВН е исклучена струјата од главната пумпа на водоводот од кој се снабдува селото. Причина за ова, како што велат, е самоволието на локалниот бизнисмен од селото, Боби Петровски, кој водоводот го користел како своја приватна сопственост.
-Петровски од жителите бара пари да се врати долгот за повторно жителите на Кожле да добијат вода. Ова не е прв пат водата да биде исклучена, се случувало и порано но на помал период, од 2 до 3 дена, вели за „А1он“ и „Макфакс“, Киро Николовски.
Водоводот првично почнал да се гради во 2000 година од страна на АД „Водостопанство“, но откако компанијата престанала со работа, била стопирана и изградбата на водоводот. Жителите на трите села во близина на Катланово добиле вода дури во 2005 година откако целиот проект во свои раце го зел УСАИД кои целосно ја финансирале доизградбата на водоводот и негово пуштање во употреба.
Токму поради турбулентните околности под кои бил граден водоводот, како и некомплетната документација, ниту една институција вклучувајќи ја и Општина Петровец под која спаѓаат селата Кожле, Блаце и Тотинци , не сакала да го земе истиот под свое власништво. Одговорноста за одржување на водоводот и плаќање на сметките ја презел локалниот бизнисмен Боби Петровски кој од 2005 година па се до минатиот месец собирал пари од жителите на селата за плаќање на сметките од „Водовод“ и „ЕВН“.
Минатиот месец во водоводниот систем кај катлановско се појавил проблем, конкретно струјата на која работела пумпата од водоводот била исклучена поради неподмирени сметки иако жителите на Кожле велат дека редовно му давале пари на Петровски за плаќање на сметките. Тие обвинуваат дека Петровски, наместо да ги уплати парите во Водовод и ЕВН, тој ги искористил за изградба на објект, заеднички дом, на местото од старото селско училиште во Кожле, за кој патем мештаните велат дека е дивоградба.

-Петровски ја организира изградбата на заеднички дом, поставени се темели, има донесено цигли, железо и даски. Има вистина во тоа дека парите од водоводот се искористени за изградба на објектот кај старото училиште „Рајко Жинзифов. Каде се парите од седумте последни приклучоци кои севкупно изнесуваат 2100 евра, запраша Николовски.
Редакцијата на А1он и Макфакс стапи во контакт со локалниот бизнисмен кој даде спротивна изјава од онаа на мештаните. Тој вели дека водата е исклучена поради нередовното плаќање од страна на жителите, а изградбата на објектот на местото од руинираното училиште била заедничка одлука на сите жители, па не му е јасно зошто воопшто се крева толку врева околу сето тоа.

Жителите на Кожле случајот неколку пати го пријавувале во Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство и Државниот комунален инспекторат, но овие институции заедно со Управата за јавни приходи се декларирале како ненадлежни, додека пак општина Петровец не сакала да го преземе водоводот во свое владение под изговор дека не е легален бидејќи не е направен технички прием кој чини 700 евра.
Засега решение за проблемот на жителите од Кожле нема, тие велат дека се оставени на милост и немилост, отфрлени од сите државни институции кои кренале раце од нив. Тие апелираат до надлежните институции повторно да го разгледат проблемот и да им помогнат бидејќи, како што велат, срамно е во 21 век да се остане без вода без разлика дали се работи за урбана или рурална средина.
Виктор Јованов