(ВИДЕО) Кучи: Го јадеме стапот и централната и локалните власти ги рекетираат фирмите

Од:

Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија Мендерес Кучи во интервју за Радио Слободна Европа говори за економските предизвици со кои се соочува бизнис-секторот.

„Ние не се соочуваме само со притисоци од централната власт, туку и од локалната, на некој начин си го јадеме стапот од сите страни“, вели Кучи.

Според него економската светска криза не смее да биде оправдување за тешката состојба.
„Зборуваме за излез од економската криза, а не ние да додадеме уште и политичка криза за да биде пак алиби или оправдување дека еве, имаме и политичка криза, еве опозицијата не е конструктивна или не знам што и секогаш да ја префрламе вината на нешто имагинарно, наместо да гледаме на она што е реално, она што навистина можеме, а јас мислам дека такво нешто не може да се води или да се санира со една дневно-политичка мерка. За ова треба државна стратегија, стратегија на ниво на држава. Притоа не самостојна, не политички мотивирана, туку треба да биде неутрално водена од страна на експерти, и да речеме членови на МАНУ, но не МАНУ од типот на енциклопедијата којашто вроди со таков плод како што вроди затоа што и таму се вмеша политиката, туку неутрална, реална, а не тие академици да ги користиме само за дневни изјави по медиумите“, вели Кучи.

Не очекува дека економијата предизборно ќе се размрда или дека ќе влезат повеќе пари во бизнис-секторот, туку одредените политички субјекти да се задолжат уште повеќе кај компаниите, притоа да не можат да ги исплатат нивните долгови.

„Од политиката не може да се очекува нешто да даде, таа може само да зема. Народот се залажува или можеби сака лажно да се надева дека нешто ќе се смени на добро. Нема ништо битно да се смени ако немаме стратегија поткрепена од владата“, вели Кучи.

Укажува дека декларативно се нуди како партнер, но , вели, ние знаеме дека партнер не значи нешто еднонасочно, тогаш кога треба нешто да се зема, туку партнерство е во двата правци, да нудиш и да очекуваш да земеш. Владата посчува ја игра улогата спротивно од што треба.
„Значи дека е еден вид на брак којшто нема да функционира. Прашање на ден е кога ќе се појавиме пред суд, а ние секојдневно се среќаваме и по судови, затоа што некогаш некој некого не слуша и ајде да го дисциплинираме и ајде ќе го дадеме на суд“, изјави Кучи во интервју за Радио Слободна Европа.

Не е задоволен од динамиката на плаќање на долговите кон стопанство.