Неопходно е чистење на азбестот присутен во водоводната мрежа, мерка што не е преземена цели осум години, вели во интервју за „Макфакс“ бизнисменот и поранешен градоначалник, Трифун Костовски.
Костовски во интервјуто зборува и за неговиот мандат како градоначалник на Град Скопје. Тој предупредува дека мора да се спроведе добра инфраструктура со приоритет на проектите за чист воздух и чиста вода.
– Му порачувам на новиот градоначалник Петре Шилегов да се зафати со сериозни проекти, да ги испита подземните води, како се снабдува изворот Рашче. Во мое време имаше 6-7 илјади септички јами околу Рашче, ама мандатот ме згази и не успеав да го решам овој проблем. Сега сигурно има 20 до 25 илјаси. Тој загаден дел од водата еден ќе дојде во допир со тие подземни води, предупредува Костовски и алармира дека неопходно е чистење на азбестот присутен во водоводната мрежа, мерки кои, како што тврди, не се преземале цели осум години.
Според него, потребна е поголема децентрализација и самостојност на локалната самоуправа, што според Костовски би можело да се реализира преку персоналниот данок кој во поголем процент би се слевал во локалната самоуправа. „Не смееме да дозволиме централната власт да биде стопан во локалната и се надевам дека тоа ќе го има предвид актуелниот премиер Зоран Заев, кој доаѓа токму од локалната власт“, вели поранешниот градски татко. Костовски во интервјуто зборува и за проектот „Скопје 2014“ , како и за неговото лично разочарување од едната и од другата власт што не преземале ништо околу дозволата за возобновување на Кермес.
Според Костовски, исто така, сè уште не е време за воведување прогресивен данок Според него, владата треба да направи опсежна анализа пред да одлучи да ја воведе даночната реформа за прогресивно оданочување.
– Ние не сме земја со голема даночна култура. Една работа што може да ѝ ја признаам на претходната власт е тоа што го дисциплинираа местото и улогата на одговорност кон УЈП и втората е воведувањето на рамниот данок – тоа е наједноставен закон за нашата популација и најприфатлив е. При стапки кои се прогресивни може да се злоупотребат, во коишто капиталот може да најде фора пак да си го земе профитот. Според мене, сè уште не е време да се менува рамниот данок, вели Костовски.