(ВИДЕО) Кироски: Јакимовски по терк на Груевски носи урбанистички планови

Од:

Од името на советничката група на опозицијата во општина Карпош, би сакале во очи на овие големи христијански празници, пред `се да ви ги честитаме празниците. Ги известуваме нашите сограѓани од општината Карпош, посебно граѓаните од Тафталиџе 1 и Карпош 3, дека на денешната седница на Советот на општина Карпош, советничката група од мнозинството, без претходна најава на Дневен ред, пред почетокот на самата седница, додаде точки за усвојување детални урбанистички планови на градските четврти Тафталиџе 1 и Карпош 3, рече Владимир Кироски, член на Комисија за урбанизам во општина Карпош.

Го искажуваме нашето целосно несогласување со ваквиот начин на поставување на вака важни точки за интересите и квалитетот на живеење на граѓаните на општина Карпош, на непринципиелен начин, без претходно добиени материјали, без никаква претходна најава.

Советниците од советничката група на опозицијата беа оневозможени да ги разгледаат материјалите како што би требало, ниту после тоа, согласно разгледаните материјали да реагираат, да разговараат со засегнатите граѓани кои изразиле забелешки во анкетните листови, а со тоа и да навлезат во материјална расправа во рамки на дискусијата што би се отворила на самата седница.

Затоа советниците од советничката група на опозицијата демонстративно ја напуштија седницата при гласањето на овие два ДУП-а.

Би сакале да истакнеме дека во очи на вакви големи празници не би требало да се носат никакви, а не вакви важни одлуки за граѓаните!

Се прашуваме дали можеби тајмингот на донесување на овие два ДУП-а беше специјално одбран во ваков момент кога граѓаните почнуваат веќе да го палат бадниковите огнови?

Да бидат протнати овие два ДУП-а без некаква поголема медиумска покриеност и без граѓаните?!

Можеби сето ова е вака направено за да се избегне реакцијата на засегнатите граѓани.