(ВИДЕО) Груевски: Веќе одговорив на прашањето, ќе ја вратите снимката и ќе видите

Од:

Премиерот, Никола Груевски, избегна конкретно да одговори на прашањата што му ги поставија новинарите по неговото сведочење во Анкетната комисија. Кога новинарите бараа појаснување зошто седницата беше затворена, премиерот одговараше дека веќе одговорил.

Тој образложи дека побарал затворена седница за СДСМ да не ја користи приликата да создава конфликти и тензии. Сепак, Груевски не кажа што е класифицирано и доверливо во информациите кои ги изнел и дали воопшто имало такви податоци.

-Погледнете ја изјавата од пред десетина дена. Јас одговорив на тоа прашање – им одговораше претседателот на Владата на новинарите.

На барање да појасни зошто беше против медиумите да присуствуваат на седницата, тој рече:

-Ќе ја вратите снимката и ќе го видите одговорот – рече тој.

Како тоа одговара на прашања, а обвинителството покренува истраги против него, врз база на како што ги нарекува “сечени, лепени и монтирани материјали“, тој одговори дека обвинителството работи согласно материјалите што ги доби од СДСМ.

-Одговорив на сите прашања. Добар дел од нив немаа доволно прашања затоа што се исцрпеа прашањата кои сакаа да ги постават. Тоа се одговори што веќе сум ги споделил со јавноста. Покрај оваа Анкетна ќе следи вистинската, онаа на народот на 24-ти април. Одговорив совесно и на време дојдов да им ја кажам вистината во очи на оние кои сакаат да ја искриват – изјави Груевски.

Маја Васева