(ВИДЕО) Фрчкоски: Специјалната обвинителка, МВР и МРТВ се булдожерите за промена

Од:

Во овој момент постојат три големи булдожера за суштинска промена на ситуацијата, едно е специјалниот обвинител и неговото влијание со резултатот на неговите истраги, второ е Министерството за внатрешни работи што ќе биде искорнато од злоупотребата, пред сè изборна, застрашувачка и во таа смисла манипулативна за и околу изборите, од власта и трето е државната телевизија, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Беше усвоен Законот за специјално јавно обвинителство, именувана е Катица Јанева за специјален обвинител. Какви се вашите очекувања сега?

Добро е што сето тоа така заврши. Законот е подобар од тој што претходно го предлагала опозицијата, што исто така е одлучно. Овие 2-3 дена по внатрешни избори, практично странците, односно Американците, ја имале главната улога, што зборува за тоа дека целиот тој процес ќе го мониторираат и ќе го буткаат така како што треба. Бев од почеток малку ангажиран околу самата идеја околу јавен обвинител, што мислев дека е важна и добро е што се најдовме тука заедно со нашите стратешки партнери околу таа идеја. Најважно е тие да бидат вклучени во давањето на поддршка и во извлекувањето на целиот процес со обвинувања, нормално потребна е лична храброст на актерката, во овој случај на обвинителката тоа да го изведе и тука ѝ посакувам само среќа и поддршка. Значи, очекувањата се оптимистички во таа смисла, тоа е голема победа во основа, не е тоа некаква расправа меѓу две страни, па странците нешто пресекле, тоа е всушност судир со власта чија стратегија е целосна опструкција на процесот и тоа секогаш било така, тоа не биле две различни мислења кои се спротивставувале, не, тоа е опструкција од власта по секоја линија, по секоја точка и пораст на таа опструкција. Така треба да се гледа на ова и во таа смисла тоа е секако позитивно за демократските сили и демократската атмосфера и очекувања понатака. Можни се опструкции од така наречени независни експерти под контрола на Владата, да се покрене уставен спор, дали е уставно или неуставно, тоа што го зборувал шефот на ДБК кој се појавил таму, на таа расправа. Тоа сега може да биде индиректно притисок или ставање сенка врз работата на обвинителот, дека тоа е практично неуставна и неговите, нејзините обвинувања да висат следните три месеци, тоа е можно, но мислам дека притисокот на странците е најголема гаранција тоа да не биде успешно, односно таквата опструкција која сега ќе продолжи на друг начин, верувам дека ќе продолжи, нема резултат во опструкција на процесот на смена, практично на рушење на ова диктатура.

Очекувате ли опструкции во соработката на обвинителката со другите органи со кои треба да соработува за да ги истражува делата?

Па не мислам, бидејќи Министерството за внатрешни ќе биде во рацете на опозицијата, а кај главните истражители кои ќе ѝ бидат потребни нема да има проблем да ги најде од МВР, својот тим сама ќе го состави, така што во таа смисла сите други проблеми ќе бидат буткани од оваа голема поддршка од странците. Тоа е важно и мислам дека тука нема да има таков тип на ситни опструкции и блокади кои можат да изродат со блокада. Сега зависи од тоа како ќе ги процесира случаите. Кога ќе ја растурите таа голема агенда на случаи, има некои од прислушуваните материјали во чија содржина има директно битие на сторени кривични дела, на вас не ви треба ништо повеќе отколку автентификација на говорот, таму има, кај премиерот, кај некој министри, има директно сторуваат кривични дела веќе во разговорот, го прават, како што е рушењето на Космос, како отворање на изборни криминали, крадење на кеси, па, директно се договараат и тука нема многу, тие можат да се процесираат до ноември. Потоа фалсификувањето на лични карти, исто, да ги фалсификуваат личните карти и да ги носат стотина ваму ни требаат, стотина таму, тоа е отворен фалсификат и тука по командна одговорност се знае кој ги прави, тоа е по командна одговорност одговорен. Во таа смисла имате полесни дела за кои веднаш може да се процесираат, за релативно кратко може да се процесираат. Имате дела за кои ќе биде потребно време. Самиот гест на незаконско, масовно прислушување е комплексен, за него ќе треба малку повеќе време, тие можеби ќе поминат и после изборите, но кај овие може да има кривични пријави и обвиненија на крајот на оваа година, ако добро се сработи, тие имаат и некој рок кој е доволен, од 18 месеци за тоа, меѓутоа може за 3-4 месеци да излезе со обвинувања и тоа сега ќе ја создаде климата предизборието, објективно сакале-не сакале, тоа се луѓе кои ќе бидат обвинети за тешки кривични дела, злоупотреба на кривичната положба, за дела како што се фалсификати кај изборите дури и злосторничко здружување и крадење на изборите, така што тука може да се очекува сериозна промена на целата политичка ситуација. Сега не можам да влегувам во шпекулација дали обвинителката ќе бара притвор за тие лица, дали ќе им биде симнат имунитетот и ќе им биде одземена воопшто можноста да учествуваат на избори, тоа се работи кои зависат и од парламентот и од процесијата таму, но секако дека таквата слика можеме да ја очекуваме и нема зошто да не ја очекуваме на крајот на оваа година.